/ Прочитано:

967

Балканските земји ги усогласуваат и следат прописите за воздушниот сообраќај на НАТО и ЕУ

Четврток, 21 август 2014 – Балканските авијациски власти повнимателно ги следат прописите за воздушниот сообраќај на НАТО и ЕУ откако летот 17 на „Малезија ерлајнс“ беше соборен во истична Украина, пренесува SETimes.

Прописите на НАТО го регулираат воздушниот простор над Босна и Херцеговина (БиХ), Македонија, Црна Гора, Србија и Косово.

Балканските цивилни авијациски власти велат дека секојдневно комуницираат со НАТО.

„Сè што се презема е со единствена цел да се подобри безбедноста, а главниот фокус е ставен на одговорноста на државите да обезбедуваат извештаи за потенцијалните ризици во некои од конфликтните области“, вели Дејан Мојсовски, директор на македонската Агенција за цивилно воздухопловство.

Американската Федерална управа за авијација издаде специјалeн извештај за потенцијално опасната ситуација во украинскиот воздушен простор, особено над Крим, Црното Море и Азовското Море.

„Постои потенцијал од противречни инструкции на воздухопловната контрола од украинските и руските власти и потенцијал од погрешно идентификување на цивилните авиони“, се вели во истиот.

Русија се обидува да воспостави нов регион на информирање за летовите, кој го вклучува воздушниот простор над Крим и меѓународниот воздушен простор сега управуван од Украина, што резултира со противречни инструкции за пилотите.

„Авиокомпаниите мора да ги следат инструкциите, но се справуваат со други прашања со надлежните воздухопловни контролни власти“, изјавува Едуард Шоштариќ, портпарол на хрватската Агенција за цивилна авијација.

Хрватската агенција за цивилна авијација објави дека затвора дел од правците поради инцидентот со „Малезија ерлајнс“.

НАТО за првпат издаде прописи за цивилниот воздушен сообраќај во Областа на балканските заеднички операции – познати како „спинс“ – во 2000 година, но постојано ги изменува за да ги вклучи оперативните промени.

НАТО ги направи последните измени во април, кога го отвори повисокиот воздушен простор над Косово за комерцијални летови под контрола на унгарските авијациски власти.

„Оваа измена го одразува напредокот што е досега постигнат во авијациските прашања во регионот, и има за цел целосна нормализација на воздушниот простор над Балканот“, вели Дритан Ѓонбалај, директор на Косовската цивилна авијациска контрола.

Хрватските и македонските власти објавија дека бројот на летови и патници е зголемен.

Патниците ги поздравија прописите за воздушниот сообраќај на НАТО, како и построгите безбедносни мерки на аеродромите.

„Важно е да се лета безбедно. По она што се случи со авионот што се урна во Украина, колку повеќе безбедносни мерки, толку подобро“, вели Вјолца Никола од Приштина.