/ Прочитано:

996

Второобвинетиот во „Фаланга 2“, кого Германија одби да го екстрадира, тврди дека процесот е монтиран — најавува тужба во Стразбур!

Понеделник, 24 март 2014 – Второобвинетиот во судскиот процес „Фаланга 2“, Давид Шекуларац, најави тужба против Македонија пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур поради одлежаните два месеци во германски притвор. Неговото побарување за оштета ќе изнесува половина милион евра,  пишува Радио Слободна Европа.

71-годишниот Шекуларац беше уапсен во Германија на 11 јануари, а од притвор беше пуштен на 6 март, откако германскиот Суд го одби барањето за екстрадиција од македонскиот Суд. 

Како што пишува Радио Слободна Европа, од Министерството за правда не одговараат зошто нивното барање е одбиено, но од Основниот суд 1 во Скопје велат дека одбивањето на барањето за екстрадиција претставува прекршок против принципите на германското законодавство.

Во дел од документите до кои дошле Радио Слободна Европа, во кореспонденцијата меѓу германското и македонското судство, јавното обвинителство од Франкфурт бара од Министерството за правда во Скопје да испрати дообјаснување на обвинението за учеството на гонетиот во случајот. Тие бараат дообјаснување дали обвинетиот безуспешно се обидел да пронајде купувач за икона од 18 век или, пак, без ништо да преземе го известил еден од осомничените дека нема да најде купувач за иконата. 

Во истите е наведено дека службата за кривични дела во Германија е информирана за неодобрувањето на екстрадиција од страна на германската влада и дека од нив е побарано да се избрише потерницата за апсење.

Шекуларац во разговорот со Радио Слободна Европа  тврди дека случајот „Фаланга 2“ е монтиран, а причината зошто против него се води постапка е одмазда поради неколкугодишниот судски спор што го води против, како што вели, „многу влијателен бизнисмен“ во Македонија кој му должи милиони евра.

„Јас дури тргнав на пат за Америка, иако на аеродромот Сурчин во Белград ме опоменаа да не одам затоа што има потерница по мене од Македонија, а јас знаев дека нема ништо, јас тргнав на пат и така ме уапсија горе и кога помина сe низ обвинението видоа дека тоа не личи на ништо, дека тоа е смешно, ме ослободија и ме молеа да не ја тужам Република Германија поради тоа. Но, јас ќе ја тужам Република Македонија и тоа богами жестоко затоа што јас на своја 71-годишна возраст никогаш во животот не сум имал ни допир со полиција“, вели тој.

Шекуларац е клучен осомничен во случајот „Фаланга 2“. Тој од Обвинителството беше посочен како купувач на археолошки предмети додека, пак, од првообвинетиот Илчо Бојчевски, кој се товари за продажба на артефакти, како соработник на МВР кој работел на откривање на криминалната група која се занимавала со продажба на артефакти во „Фаланга 1“.

Шекуларац тврди дека обвинението против него се темели само на исказ на еден сведок којшто во судот лаже. 

Според неговата одбрана, Интерпол е злоупотребен од македонските власти бидејќи македонските власти можеле директно да се упатат во Србија за го сослушаат обвинетиот. Шекуларац за Радио Слободна Европа, меѓу другото, наведува дека откако е стартуван процесот, никој од македонското Обвинителство не се обидел да стапи во контакт со него во Србија.