/ Прочитано:

4.261

ЗА КВАЛИТЕТНО ПРАВНО ОБРАЗОВАНИЕ КЛУЧНИ СЕ ПРАВНАТА ЛОГИКА И ПРАВНАТА ПРАКТИКА: Интервју со Емили Петровски, Македонка во француската правосудна академија

Емили Петровски, кандидатка од Државната правосудна академија (ЕНМ) од Република Франција, денеска во Академијата за судии и јавни обвинители ги изложи искуствата стекнати во рамките на тринеделниот стаж во правосудните институции на Република Македонија. „Уште кога започнував во Државната правосудна академија во Франција, значи уште кога ги направив првите чекори во Академијата, мојата желба беше да го реализирам својот стаж во Македонија“, вели Емили Петровски.

„Родена сум во Фонтенблу, Франција, но по потекло сум од Македонија. Моето семејство денес живее во Франција. Во Македонија имам голем број роднини. Често доаѓам во Македонија да се видам со роднините и да се вратам на своите корени. Се интересирам за мојата земја и редовно ги следам случувањата во неа. Македонија треба што побрзо да излезе од кризата низ која поминува затоа што ова се многу тешки моменти за неа“, вели Петровски.

Македонскиот јазик и кирилицата, вели Петровски, покрај тоа што ги учев во моето семејство ги учев и на курс во Париз. За моето семејство од особено значење беше да се негува и да се знае македонскиот јазик. Учејќи го македонскиот јазик во Париз, се стекнав со пријателства со многу Македонци, со кои пак не само што се здруживме, туку  бевме и општествено активни во Франција, но и во Европа.

„Отсекогаш знаев дека ќе се определам за правото како професија. Правото беше мојот животен предизвик, па учев трудољубиво за да можам да ја остварам мојата цел. По завршувањето на средното училиште, се запишав на правни студии. Омилени ми беа предметите поврзани со кривичноправните науки. Затоа и денес местото во обвинителството или во судството се мојот предизвик“, вели Петровски.

„И мојот сопруг, исто така, е правник. Се запознавме за време на студиите. Сепак, за разлика од мојот сопруг, кој својот професионален ангажман го има во бизнис-секторот, јас се одлучив да се усовршувам во француската академија за судии и обвинители. За време на ова усовршување посебно ме интересираше малолетничката правда, па така ако ја продолжам кариерата во судството, наместо во обвинителството, би сакала да бидам судија за малолетници. Децата се ранлива категорија и за нив е потребен поинаков пристап. Сметам дека не би можел секој судија да работи со деца“, вели Петровски.

Според Емили Петровски, кандидатка од Државната правосудна академија од Република Франција, клучно за работата на еден судија или обвинител е искреноста во работата, која најдобро се изразува преку неговиот интегритет. Вистината, нагласува Петровски, треба да им биде водилка на судиите и на обвинителите, кои, покрај тоа што треба да работат во согласност со законите, треба да имаат и изградено чувство за правда и правичност.

„До вистината се доаѓа преку искреноста, преку интегритетот, преку етичноста и преку посветеноста. Но, до вистината се доаѓа и преку логиката. Затоа и правната логика е од толкаво значење за правниците и на неа ѝ се дава голема важност во француската академија за судии и јавни обвинители. Но во француската академија се проучуваат и многу прашања од аспект на правната и општата култура. Правната логика и правната култура се суштински за работата на еден судија и обвинител, но тие имаат голема улога и за развојот на правната свест, која пак е клучна за остварувањето на целите на правдата“, образложува Петровски.

Кандидатката од Државната правосудна академија (ЕНМ) од Република Франција вели дека преку стажот во македонските правосудни институции, од компаративен аспект дознала значајни информации за функционирањето на македонскиот правосуден систем. Како клучна забелешка Петровски посочува дека апелационите судови не треба до тој степен да ги враќаат предметите на повторно судење, туку дека треба самите да одлучат за одреден случај.

„Исто така, во рамките на едукацијата никогаш не треба да се минимизира улогата на правната култура, на етиката и на практиката затоа што тие прашања не се важни само од научен аспект, туку и од аспект на професионалното дејствување на правниците, адвокатите, судиите, обвинителите и државните службеници“, заклучува Петровски.

М.В