/ Прочитано:

2.458

За правата на детето треба повеќе да се говори во законодавниот дом

Денеска беше презентиран Извештајот за застапеноста на детските права во работата на Собранието на Република Македонија во периодот од јануари до 31 август 2017 година, во рамките на проектот: „Имплементација на Конвенцијата за заштита на правата на детето во Македонија“, спроведуван од Коалицијата на младински организации „Сега“, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и Младинскиот образовен форум, поддржан од Детската фондација „Песталоци“.

„За периодот од јануари до 31 август 2017 година, повторно можеме да согледаме  дека за децата и нивните права се дискутира на еден индиректен начин, иако во одредени аспекти на дискусиите може да се процени дека децата и нивните права се вклучени и директно“, беше истакнато на денешната презентација на извештајот.

„Од анализата можеме да заклучиме дека кога станува збор за правата на децата за периодот на известување, се третираат правата на децата на соодветно образование, правата на децата на здравствена заштита, здрава животна средина и чист воздух и правото на соодветен и хуман третман за малолетници кои сториле кривични дела“, беше посочено на настанот.

На денешниот настан беше нагласено дека при анализата на документацијата бил земен предвид политичкиот контекст во кој функционираше Собранието на Република Македонија.

„Ги повикуваме пратениците на Собранието на РМ во иднина да стават акцент не само на примарните права на детска заштита, туку и на секундарните и терцијарните права како што се правото на детско учество, слобода на говор, итн.“, беше истакнато на настанот.

Зоран Илиeски од Коалицијата „Сега“ рече дека при изготвувањето на извештајот се следело однесувањето на донесувачите на одлуки и креаторите на политики во Собранието. Со тоа, рече, сакаме да влијаеме тие повисоко на агендата да го стават донесувањето закони или други акти за унапредување на детските права.

„Главните работи кои влијаат врз децата и младите се случуваат врз основа на тоа што ќе го донесе Собранието. Владата е спроведувач на тоа што ќе го донесе Парламентот. Затоа ќе настојуваме да имаме директни средби со пратениците за да ги промениме нивната свест и дејствување“, рече Илиески.

„Општествениот контекст и нефункционалноста на Собранието влијаат врз остварувањето на правата на детето и на тоа дали ќе разговараме за егзистенцијални права на детето или за оние други права што се важни и опфатени со Конвенцијата за заштита на правата на децата“, истакна  Јана Зенговска, координатор на проектот од „Меѓаши“.

Претседателот на „Меѓаши“, Драги Змијанац, истакна дека се во преговори со Министерството за образование и наука, за измени на Законот за средно образование, со кои на децата ќе им се овозможи да практикуваат детско односно младинско учество.

„Забележуваме дека децата имаат потреба низ разни организирани форми во практиката да го негуваат активното учество, да го кажат своето мислење и да не дозволат никој во нивно име да ги застапува и да расправа за нивните права“, рече Змијанац, кој подвлече дека е потребна и поголема самоиницијативност на пратениците, бидејќи од тоа што тие ќе го донесат како законско решение зависи како ќе се реализира остварувањето на овие права.

M.В