/ Прочитано:

2.515

„За правничкото образование најважно е да се развие критичка мисла, а тоа не се постигнува со државен испит“ – Лепосава Огњаноска, потпретседателка на ЕЛСА и соработник во ЕПИ

Човековите права се обединувачки фактор. Тие ги обединуваат луѓето исто како што студентските права ги обединија студентите од различните етнички заедници. Со рушење на предрасудите може да се има соживот, а подобро образование, особено на правните факултети, може да има само доколку се гради ентузијазмот и критичката мисла на студентите, вели за Академик Лепосава Огњаноска, потпретседателка на ЕЛСА и соработник во Институтот за европска политика.

Лепосава Огњаноска е студентка на магистерските студии по меѓународно право и меѓународни односи, при Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје. Покрај нејзиниот ангажман во истражувањата на човековите права што е дел од нејзината правничка едукација и практика, Огњаноска оваа година беше учесник на Школата за човекови права, во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права во соработка со Институтот за мир и човекови права од Франција,  на која се обработуваше темата „Кривичните дела од омраза“. Според неа, а поаѓајќи од стекнатите искуства и од домашните податоци, во Македонија кривичните дела од омраза се во подем што, како што вели, за земја каде што живеат повеќе заедници е особено загрижувачка појава што го загрозува соживотот.

Кривичните дела од омраза што земаат голем замав во денешно време

„Школата беше прекрасно искуство. Веќе неколку години традиционално е во организација на Хелсиншкиот комитет, а оваа година и во соработка со Институтот за мир и човекови права од Франција. Оваа година на Школата се говореше за  кривичните дела од омраза што земаат голем замав во денешно време, а сепак, за жал, кај нас како тематика на анализа и проучување многу малку се застапени, дури и низ факултетското образование“, вели Огњаноска.

Таа подвлекува дека доказ за пасивноста за тематиката е што во рамките на државните институции не постои конкретна евиденција колку кривични дела од омраза има.

„Многу ретко во судовите или во полицијата ќе ги најдете овие дела. При постапувањето, надлежните органи не ги третираат кривичните дела од омраза како такви. Она што ги издвојува кривичните дела од омраза е мотивот. Пристрасноста на сторителот на делото е клучна, поради тоа ваквите дела уште се познати и како дела со порака бидејќи со сторување на такво дело се носи порака за неприфаќање на одредени заедници. Неретко се случува надлежните органи воопшто и да не започнат постапка, пример во случајот на напад на припадниците на ЛГБТ заедницата за време на приватна забава. Тоа беше и причината поради која Хелсиншкиот комитет  се посвети на оваа тематика и со сериозност пристапува кон кривичните дела од омраза како општествен проблем. Според евиденцијата на Хелсиншкиот комитет, во Македонија има 200 кривични дела од омраза на годишно ниво и тоа е навистина поразителен факт“, вели таа, додавајќи дека е неоправдано да им се посветува мало внимание на овие прашања.

Треба да се стави акцент и на опасностите што можат да ги предизвикаат овие кривични дела во поширок општествен контекст

„Во Македонија, земја во која живеат повеќе етнички заедници, треба да се стави акцент и на опасностите што можат да ги предизвикаат овие кривични дела во поширок општествен контекст, а особено во однос на деструкцијата на вредностите на заедничкото живеење. Факт е дека во Македонија постои етнички јаз кој само дополнително  се засилува со ваквите кривични дела.  Превенцијата секогаш треба да дојде пред репресијата, па затоа е потребно да се работи повеќе на превенција на ваквите дела, посебно ако се земе предвид дека во реалноста и онака има поделба по различни основи, и тоа тргнувајќи најмали нозе, од основното образование. Се учи од различни книги, постои поделба на паралелки, децата не се упатуваат заеднички кон градење на заедничка реалност, туку кон припадност на различни светови и одвоено живеење“, вели Огњаноска.

Според неа, токму образованието ја има таа клучна улога во градењето на свеста за заедничките вредности, што сепак е најдобра превенција од кривичните дела од омраза.

Најважно е да се сузбиваат предрасудите

„Најважно е да се сузбиваат предрасудите. И во таква, впрочем, мисија е и Школата на која учествував. Суштината на соживотот е во тоа да ја сфатиш убавината на различните култури и да ги почитуваш тие вредности. Јас навистина имав можност преку Школата да се запознаам со колеги од земјава и од Франција и затоа е многу важно тоа искуство, инспирирано од мисијата на Школата, да биде пренесено и во сопствената земја, бидејќи вредностите на соживотот се универзални“, вели Огњаноска, посочувајќи дека нетолеранцијата е присутна и во европските земји, а и дека некои проблеми невидливо се присутни и во поорганизирани општества, како што е на пример француското“, вели Лепосава Огњаноска, во таа насока посочувајќи и на случувањата во Франција поврзани со нападите врз „Шарли ебдо“, за што исто така разговарала со своите француски колеги.

Човековите права се интегрирачки фактор за луѓето и за заедниците

„Франција е изградена како нација – држава уште во 19 век. Франција има силен граѓански концепт, а во Македонија се изразени правата на различните етнички заедници. Има многу работи што можеме да ги научиме од тоа историско искуство и градење на општеството, а со тоа и за градењето на правниот систем, но никогаш не постои совршена слика за нештата бидејќи некои проблеми се таложат, а не се препознаваат. Еве, случајот со ’Шарли ебдо’. Тоа беше е навистина голем настан во светски рамки. ’Шарли ебдо’ покажа дека во Франција имало проблеми што не биле препознатливи. Сепак, француската влада и после случувањето повторно стави акцент на толеранцијата,  слободата на изразување и почитувањето на човековите права“, нагласува таа притоа потенцирајќи дека секогаш треба да се инсистира на почитувањето на човековите права и слободата на изразување.

„Човековите права се интегрирачки фактор за луѓето и за заедниците“, нагласува Лепосава Огњановска.

Таа укажува дека не постои социолошка мерливост на човековите права, туку дека човековите права се категорија што најдобро суштински и правно може да се согледа преку судството, со остварувањето на правдата и слободата на изразување.

Судски процеси преку кои евидентно се забележува нарушувањето на човековите права и селективната правда

„Таков е примерот со Македонија. Слободно може да се констатира дека во Македонија има судски процеси преку кои евидентно се забележува нарушувањето на човековите права и селективната правда. Доволно е да нагласам дека минатата година кога имав критика за правосудството на Ораторските вечери, ме инспирираа одредени судски случаи, а еве тие немаат разрешница ни оваа година. Тоа говори за една статус кво состојба за која најмалку може да се каже дека е реформа, тука напротив – израз на една ситуација што загрижува. Она што го кажав лани, секако, важи и денес, со таа разлика што е пораснат бројот на политички судски процеси, на што укажува и ЕУ“, смета Огњаноска.

Огњаноска вели дека за неа како правник и истражувач прашањето за почитувањето на човековите права е од иманентно значење и смета дека тие најдобро говорат за општеството и за државата, а квалитетот на едукацијата за нив говори и за добро организиран систем на правничко образование. Не се согласува дека во Македонија нема добро правничко образование, кое секако има слабости, но не  до тој степен да се прават избрзани и бурни реформи што се несуштински.

Постои стереотип дека студентите не можат да бидат конкурентни на пазарот на трудот

„За образованието се најбитни афинитетот и ентузијазмот на студентот. Секој треба да го пронајде своето поле на особен интерес. Ако мене ме интересираат човековите права, секако дека најважно е колку јас самата ќе се посветам во нивно проучување и истражување. Факултетското образование треба да ги даде оние иницијални претпоставки и рамки што мора да се надградуваат со ентузијазмот на студентот, а тоа не е прашање на реформа, туку на методолошки и педагошки пристап.  Кај нас постои стереотип дека студентите не можат да бидат конкурентни на пазарот на трудот. Генерализациите секогаш се погрешни. Проблемот не е само кај студентите. Проблемот е што општата ситуација во државата и некои избрзани реформи имаа свои последици за факултетите, меѓу кои и за  Правниот факултет. Евидентно е дека отсуствува повеќе мотивација,  Се случува и најдобрите студенти да сметаат дека нема веќе кој да го цени знаењето. И затоа се јавува студентски револт. Не може реформите да се кршат на нивниот грб. Тоа е погрешно. Потребно е поширок видик, суштинска анализа, промена на програмата за стекнување на знаења кои можат да се применат во согласност со она што  се бара од пазарот на труд. Но, сепак,  нужно тоа е работа на факултетите заснована на универзитетска автономија“,  вели Огњановска.

Образованието се соочува со проблеми поради избрзани реформи

Таа додава дека образованието се соочува со проблеми поради избрзаните реформи со кои се внесува хаос во високото образование и нема дилема дека последните измени на Законот за високо образование се на таа линија.

„Треба да има продуктивна дебата во која ќе бидат вклучени сите страни, а особено оние што се вклучени и засегнати. Со носењето на законските измени се создаде апсурдна ситуација – се рече дека ќе се носи нов закон откако се изгласа, значи, се призна на некој начин дека овој закон е противуставен. Мене ми личи дека се направи така за да се задоволи нечија суета“, вели Огњановска.

„Бев и на протестите, активен учесник сум и на Студентскиот пленум и морам да укажам на тоа дека избликот на револт на студентите ги обедини сите етнички заедници во Македонија. Значи, тие се обединија околу своите права, се премости оној јаз за кој говоревме. Луѓето тежнеат кон тоа да бидат граѓани со полн капацитет на своите права и кога им се наметнува прашање што е од круцијално значење и што ги загрозува нивните права и слободи, тогаш тие се солидаризираат околу тоа и се обединуваат. Затоа и имам надеж дека соживотот секогаш е можен и не е утописки да се гледа на него, како што има одредени дефетистички размислувања“, смета Огњановска.

Таа вели дека за подобро образование, неопходно е да се намали бројот на студентите, а државниот испит смета дека е сосема погрешен потег.

Побитно е да се размислува во контекст de lege ferenda

„Од голема важност е наставната програма да биде обновена. Одредени предмети се динамични, а учебниците не ја следат таа динамика. Еве, на пример, Правниот факултет увиде дека тој систем не е адекватен и сега испитите се полагаат усно. Понатаму, исто така, говорам за Правниот факултет, потребно е да има студии на случај. Студентите ќе имаат можност да добијат и практично знаење, а во поширок едукативен контекст  повеќе треба да се работи на критичката мисла. Не е секогаш пресудно de lege lata. Она што е многу побитно е да се размислува во контекст de lege ferenda, односно онака како што треба да биде“, посочува таа.

Не може да се говори за Дворкин или Радбрух со заокружување

Критичката мисла, потенцира Огњаноска, не се развива со државен испит, упатувајќи и кон нејзините омилени правни филозофи, Густав Радбрух и Роналд Дворкин.

„Не може да се говори за Дворкин или Радбрух со заокружување. Законите не треба да се знаат со рецитирање, туку да се сфати нивната филозофија која е адекватна на нивната цел. Законите се менуваат и затоа е потребно да се сфати правото како идеја за правда, да се стекне одредена правна логика, за да немаат законите во себе законско неправо“, вели Лепосава Огњановска, повикувајќи се на учењето на Радбрух.

„Не постојат празнини, туку постојат недоволно добри судии“

„Затоа и не сум строг позитивист, посебно што и проучувањето на човековите права не е следење на грубо позитивистичко толкување. Се разбира, тука е присутна и теоријата, и критичката мисла и чувството за правда и правичност. Но, како што реков, човековите права се многу повеќе. Човековите права се обединувачки за луѓето и во таа насока се мошне интересни за истражување и затоа се моја определба“, резимира Огњаноска, додавајќи дека критиката на правосудството ќе биде исто така една од темите кон кои ќе го упати својот истражувачки фокус.

„Дворкин сметал дека не постојат празнини, туку постојат недоволно добри судии. Мислам дека Дворник точно го препознал еден од основните проблеми во правосудството и затоа тоа е секогаш интересно за опсервација“, заклучува Огњаноска.


Милчо Велјаноски

4.2.2015