/Прочитано:

91

Забелешките за Нацрт-законот за медиуми доставени до Министерството за информатичко општество и администрација

Трите организации (ЗНМ, ССНМ и СЕММ) сметаат дека на листата на предлагачи треба да се прецизира дека Здружението на новинарите на Македонија предлага членови во Програмскиот совет на МРТ и Советот на Агенцијата. Со тоа ќе се обезбеди во овие тела членови да предлагаат компетентни, кредибилни и независни организации, кои ги претставуваат интересите на новинарите. Тие, исто така, информираат дека во забелешките се бара дополнително намалување на висината за надоместок за дозвола за телевизиско или радио емитување. Освен тоа, се инсистира Агенцијата за медиуми пред да покрене каква било прекршочна постапка, да ги опоменува јавно медиумите.

Процент од буџетот за финансирање на Македонската радио-телевизија, прецизирање на листата на предлагачи на членови во Советот на МРТ и на Советот на Агенцијата за медиуми, како и бришење на два члена од Законот што се однесуваат на принципите за известување на новинарите во изборна кампања се главните забелешки за Нацрт-законот за именување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Овие забелешки вчера беа доставени до Министерството за информатичко општество и администрација од страна на Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Советот за етика во медиумите на Македонија.

„Организациите остануваат на ставот дека еден процент од буџетот треба да се одвои за финансирање на МРТ, за што се даваат конкретни аргументи, како што се недоволната опременост на МРТ, немање дописничка мрежа, ниските плати на вработените, како и потреба за вработување нов искусен и квалитетен новинарски и друг креативен персонал. Освен тоа, со измените на законот е предвидено вториот канал на МРТ да прерасне во посебен канал со 24-часовна програма на албански јазик, а програмата на другите етнички заедници да се префрли на третиот канал. Сите овие обврски на МРТ бараат значително зголемување на средствата за нејзино нормално функционирање како независен и професионален јавен сервис, кој ќе биде во служба на граѓаните“, соопшти ЗНМ.

Трите организации (ЗНМ, ССНМ и СЕММ) сметаат дека на листата на предлагачи треба да се прецизира дека Здружението на новинарите на Македонија предлага членови во Програмскиот совет на МРТ и Советот на Агенцијата. Со тоа ќе се обезбеди во овие тела членови да предлагаат компетентни, кредибилни и независни организации, кои ги претставуваат интересите на новинарите.

Тие, исто така, информираат дека во забелешките се бара дополнително намалување на висината за надоместок за дозвола за телевизиско или радио емитување. Освен тоа, се инсистира Агенцијата за медиуми пред да покрене каква било прекршочна постапка, да ги опоменува јавно медиумите.

ЗНМ, ССНМ и СЕММ бараат и бришење на членовите 62-а и 62-б од законот, кои се однесуваат на политички плурализам во вести и дневноинформативни програми во изборна кампања.

„Ние веруваме дека новинарските стандарди не можат да бидат објект на законска регулација, туку на саморегулација во медиумите. Ако етички новинарски стандарди се стават во закон, постои голема опасност тие да се злоупотребат за ограничување на слободата на говорот и слободата на медиумите“, се наведува во соопштението.

А. Б.