/ Прочитано:

2.113

ЗАБРАНА ЗА НЕРЕГИСТРИРАНА ДЕЈНОСТ: Ако молерот ти е нерегистриран кај надлежен орган – повикај помош од комшија

Петок, 19 септември 2014 – Со Предлог-Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност се уредува прашањето во врска со врска со тоа што е нерегистрирана дејност, кои се исклучоците, што се смета за соучесник во вршењето на нерегистрираната дејност, надлежните органи за постапување при спречување и заштита на појавата на нерегистрирана дејност, инспекциски надзор над спроведувањето на овој закон, управните мерки за заштита, како и прекршочните одредби.

„Целта на донесување на Предлог Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност е сузбивање на можноста од вршење на дејност која е нерегистрирана, намалување на сивата економија и определување на правна рамка која би ја уредила оваа материја“, образложуваат од Министерството за труд и социјална политика.

Што ќе се смета како нерегистрирана дејност?

Според Предлог – законот, за кој, како што велат од Министерството, допрва ќе следи пообемна дебата и расправа, за нерегистрирана дејност ќе се смета кога:

  • правното лице извршува дејност која не е запишана во другите посебни регистри утврдени со закон, освен трговскиот регистар;
  •  кога правното лице нема законски пропишан акт за исполнување на условите за вршење на регистрирана дејност издадени од надлежен орган во согласност со закон,
  • кога физичкото лице врши дејност која не е регистрирана кај надлежен орган и
  • кога физичкото лице не поседува законски пропишан акт со кој ги исполнува условите за вршење на регистрирана дејност издадени од надлежен орган во согласност со закон и кога правното или физичкото лице врши дејност спротивно на забраната на вршење дејност изречена од надлежен орган.

Нема да се смета за вршење на нерегистрирана дејност вршењето на други дејности кои што се потребни за извршување на дејноста која е запишана во трговскиот или друг со закон предвиден регистар, или вообичаено се извршуваат заедно со регистрираната дејност.

Нема да се смета за вршење на нерегистрирана дејност повременото вршење на дејност за која со посебен закон е исклучена обврската за регистрација на дејноста кај надлежен орган и во Министерството за финасии – Управата за јавни приходи.

Нема да се сметаат за вршење на нерегистрирана дејност следните активности: работа за сопствени потреби, семејна помош, соседска помош, продажба на лични користени предмети, работа која се врши без финансиски надоместок или друга материјална корист и ако работата не се извршува континуирано.

Што би значело ова во пракса?

Ова во праксата би значело дека  забранета секоја дејност што не е регистрирана – се забранува дејноста на нерегистрираните трговци и занаетчии, како на пример, молери, електричари, градежници итн., потоа на куќните помошници, но и дејноста на лицата кои нудат преведувачки и образовни услуги како преведувачи, наставници, изработувачи на трудови. Практично, на сите оние кои вршат услуги во рамки на нерегистрираната дејност.

Инспекциски надзор

Инспекциски надзор над спроведувањето на овој закон вршат органите на државната управа надлежни за работите на инспекциски надзор кои ги координира Инспекцискиот совет и Управата за јавни приходи.  За утврдените прекршоци согласно овој закон овластените подносители поднесуваат барање за поведување на прекршочна постапка до прекршочните комисии или надлежен суд за одлучување по законите и другите прописи од соодветната дејност.

Во спроведување на инспекцискиот надзор, надлежниот инспектор на лице место констатира дека се врши нерегистрирана дејност, ќе состави записник за утврдената фактичка состојба и ќе донесе решение за забрана на вршење на нерегистрираната дејност во траење од 30 дена или до денот на регистрацијата кога:

  •  правното лице извршува дејност која не е запишана во другите посебни регистри утврдени со закон, освен трговскиот регистар
  • правното лице нема законски пропишан акти за исполнување на условите за вршење на регистрирана дејност издадени од надлежен орган во согласност со закон;
  • физичкото лице врши дејност која не е регистрирана кај надлежен орган;
  • физичкото лице не поседува законски пропишан акт со кој ги исполнува условите за вршење на регистрирана дејност издадени од надлежен орган во согласност со закон и
  • правното или физичкото лице врши дејност спротивно на изречената забрана за вршење дејност изречена од надлежен орган.

Прекршочни одредби –  Соочување со казни од неколку илјади евра

Глоба во износ од 6.000 до 9.000 евра во денарска противвредност  ќе му се изрече за прекршок на работодавач-правно лице:

  •  кога правното лице извршува дејност која не е запишана во другите посебни регистри утврдени со закон, освен трговскиот регистар
  • нема со закон пропишан акт за исполнување на условите за вршење на регистрирана дејност
  • врши дејност спротивно на забраната на вршење дејност.

Глоба во износ од 6.000 до 9.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичкото лице ако :

  • врши дејност која не е регистрирана кај надлежен орган;
  • врши дејност за која  нема со закон пропишан акт за исполнување на условите за вршење на регистрирана дејност
  • врши дејност спротивно на забраната на вршење дејност

>>>Предлог-Закон за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност

(М.В)