/ Прочитано:

1.543

ИЗМЕНИ ВО ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЊЕ: Градежни дозволи за нафтоводи, базени, објекти на државни органи и без решени имотно-правни односи

Понеделник, 22 септември 2014 – Определени инфраструктурни објекти кои задоволуваат јавни потреби ќе можат да се градат и на парцели со нерешени имотно правни односи, предвидуваат новите измени на Законот за градење, кои се наоѓаат во собраниска процедура.

Имено, со предложените измени на Законот за градење, се предвидува за продуктоводи, топловоди, нафтоводи, градби за производство на електрична енергија од обновливи извори, системи за наводнување и одводнување, базени на ниво на терен за јавна употреба, како и за објекти за потребите на државни органи, агенции или фондови основани од Владата, да се издаваат градежни дозволи без претходно да се решат имотно правните односи.

„Како резултат на aнализите направени од примената на законот произлезе потребата да се изменат односно дополнат одредбите од законот кои се однесуват на урбаната опрема, за кои градби не се обезбедува мислење за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита.  Со Предлогот се дополнуваат и одредбите од законот со кои се дефинираат градбите како грдби од прва и втора категорија“, образложуваат од Министерството за транспорт и врски.

Во измените се предлага  за продуктоводи, топловоди, нафтоводи, градби за производство на електрична енергија од обновливи извори, системите за наводнување и одводнување, базени на ниво на терен за јавна употреба како и за објекти за потребите на државни органи, агенции или фондови основани од Владата на Република Македонија да може  одобрение за градење да се издаде без решени имотно-правни односи, а најдоцна до поднесување на барање за одобрение за употреба или извештај од извршен технички преглад, имотно-правните односи да бидат решени.

Од Министерството посочуваат дека, исто така, за градбите кои се привремени градби за потреби на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони кои се градат во рамки на технолошките индустриски развојни зони, отворени и затворени спортски игралишта,  спортски сали со бруто развиена површина до 1500м2 и отворени спортски игралишта,  ќе се однесува член 73 и 74 со кои одредби се пропишува за кои градби не се издава одобрение за градење, туку се води постапка за изадање на решение.

„Целта на изменувањата и дополнувањата на законот е заради  забрзување и поедноставување на постапката за добивање на одобрение за градење за инфраструктурните објекти и поефикасна примена на законот“, велат од Министерството за транспорт и врски.

>>>П Р Е Д Л О Г – З А К О Н за изменување и дополнување на Законот за градење

(М.В)