/ Прочитано:

1.968

Законодавецот да најде решение за надминување на состојбата поради неодржувањето на локалните избори

Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија објави соопштение во врска со барањата за надминување на состојбата поради неодржувањето на локалните избори.

Mинистерот за локална самоуправа и Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија до Собранието на Република Македонија и до претседателот на Собранието, Талат Џафери, доставија барања со кои се бара Собранието на Република Македонија да најде решение за надминување на состојбата поради неодржувањето на локалните избори и се укажува на проблемите кои ќе настанат во оваа ситуација.

Од Кабинетот на претседателот на Собранието информираат дека барањата ги доставиле до пратениците во Собранието на Република Македонија бидејќи, како што се истакнува во соопштението на Кабинетот, ова прашање е исклучиво во надлежност на Собранието на Република Македонија кое бара итно усогласување на сите политички партии во Собранието, во однос на потребните измени во Изборниот законик, но и на сите други активности кои се однесуваат на постапката утврдена во Деловникот на Собранието на Република Македонија како во однос на основање на сите работни тела во Собранието така и во однос на постапката за разгледување и  донесување на законите.

Вчера уставните судии едногласно одлучиja да не поведуваат постапка за иницијативите за укинување на одредби од Законот за локалната самоуправа и од Изборниот законик.Не сме надлежни да креираме нови правни ситуации“, истакнаа од Уставниот суд за иницијативите во врска со мандатот на градоначалниците.

Уставниот суд, беше истакнато на седницата, не е надлежен да одлучува за правни ситуации кои се во исклучива надлежност на законодавецот, односно на Собранието. Со иницијативите, подвлече уставната судијка Елена Гошева, се бара Уставниот суд да креира нова правна ситуација што е во надлежност на Собранието. Уставниот суд ја цени содржината на одредбите, а не тоа што го нема.

„Неоспорно е дека постои правна празнина, бидејќи не се предвидени механизми што да се прави кога локалните избори не можат да се одржат во законските рокови. Неприфатливо е во Законот да не е утврден механизам како да се постапи во случај да не можат да се распишат избори, со што би дошло до закочување на работата на локалната самоуправа“, истакна Гошева.

Претходно Заедницата на единиците на локалната самоуправа вчера апелираше Собранието на РМ, итно и без одлагање, да изнајде решение за мандатите на градоначалниците и општинските советници. Мандатот на градоначалниците и советниците истекува на 15 мај. Во иницијативите се бараше Уставниот суд да интервенира, со што ќе им се овозможеше на градоначалниците да останат на функцијата сѐ до одржувањето на локалните избори. До Уставниот суд иницијативи за продолжување на мандатот на градоначалниците и советниците поднесоа: Министерството за локална самоуправа, Министерството за правда и Светскиот македонски конгрес.

„Не сме надлежни да креираме нови правни ситуации“ – Уставниот суд за иницијативите во врска со мандатот на градоначалниците

М.В