/ Прочитано:

1.210

Законот за прекинување на бременоста оспорен пред Уставен суд – Иницијативата ќе се разгледува во септември

Среда, 9 јули 2014 – Уставниот суд го одложи разгледувањето која иницијативата која ХЕРА , заедно со Реактор, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата за заштита на сексуалните права на маргинализираните заедници и доц. д-р Каролина Ристова – Астеруд. Дискриминаторската содржина на законот е причината за ваквата иницијатива, велат поднесувачите, кои се надеваат дека ќе биде спроведена постапка за оценување на уставноста на овој Закон, поради тоа што, како што посочуваат, законот соджи многу противуставни одредби.

На 27 септември 2013 година ХЕРА во соработка со Хелсиншкиот Комитет за човекови права, Коалицијата сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, Реактор – Истражување во акција и професорката Каролина Ристова Астеруд до Уставниот Суд на РМ поднесе Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Законот за прекинување на бременоста. Со иницијативата беа опфатени 16 спорни членови од Законот кои според нас ги ограничуваат, уназадуваат и делуваат рестриктивно врз репродуктивните права на жената. Акцентот во иницијативата пред се е ставен на административните пречки кои се предвидени во Законот за прекинување на бременоста, а се однесуваат на задолжителното писмено барање за абортус, задолжителното и пристрасно советување и задолжителниот период на чекање од 3 дена“, вели за Академик, Игор Јадровски, правен советник во Х.Е.Р.А.

Според него, ваквите законски решенија претставуваат кршење на одредбите на повеќе меѓународни договори, пактови и конвенции со кои се гарантираат иштитат правото на живот, здравствените и репродуктивните права на жената, правото на избор, забраната од дискриминација и слично, а се потпишани и ратификувани од страна на Република Македонија.

„Нивната примена во пракса може да придонесе до социјални последици, но пред се до загрозување на здравјето и живот на жените и зголемување на бројот на небезбедни абортуси“, посочува Јадровски.

Тој смета дека денешното доложување на расправата за поднесената иницијатива од страна на Уставниот суд  е легитимно, бидејќи преставките кои што ги поднеле имаат обемна содржина.

„На дневниот ред на денешната 21 седница на Уставниот Суд на РМ под точка 1 беше ставено токму разгледувањето на Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Законот за прекинување на бременоста. Судијката Наташа Габер предложи одложување на расправата за оваа и уште една точка, затоа што судиите имале многу малку време да ја разгледаат Иницијативата и целокупната придружна документација, а со оглед на тоа дека станува збор за многу чувствителна тема која предизвикува голем интерес во јавноста, судијката Габер сметаше дека на судиите ќе им треба повеќе време за разгледување на целата материја. Нејзиниот предлог беше едногласно прифатен и расправањето по оваа точка беше одложено за некоја од следните седници на Судот“, вели Јадровски.

Правниот советник нагласува дека подолг период  се чека Уставниот Суд да се произнесе по нивната Иницијатива, но сепак ја поддржуваме одлуката за одложување на расправата и сметаме дека е легитимна, бидејќи судиите на Уставниот Суд ќе имаат доволно време за добро проучување на Иницијативата.

„Ваквата одлука е основа да веруваме во сериозниот пристап на уставниот суд при разгледување на ова исклучително важно и осетливо прашање кое е во фокусот на пошироката јавност веќе подолг временски период. Но пред се, остава простор да се надеваме на позитивен исход, односно дека ќе биде покрената постапка за оценување на уставноста и законитоста на спорните членови од Законот за прекинување на бременоста‘‘, вели Јадровски.

>>Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Законот за прекинување на бременоста

(M.В)