/ Прочитано:

829

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Се воведуваат странски учебници за средношколците од стручното образование

Четврток, 5 ноември 2015 – Предложени се нови измени на Законот за учебници за основно и средно образование, по скратена постапка. Предлагач на измените е Владата на Република Македонија.

Според законското обралзожение, целта на измените е кон воведување на законски основ за воведување на адаптирани странски учебници во средното стручно образование во Република Македонија.

Со предложените измени се уредува дека во средното стручно образование за наставните предмети може да се употребуваат соодветни адаптирани учебници од странство, усогласени со наставните програми и преведени на јазиците на кои се изведува наставата во Република Македонија. Исто така, се се уредува постапката и надлежните установи за давање на одобрение за употреба на адаптирани учебници од странство за средното стручно образование.

,,Во средното стручно образование за наставните предмети може да се употребуваат и соодветни адаптирани учебници од странство, усогласени со наставните програми донесени од министерот и преведени на јазиците на кои се изведува наставата во Република Македонија“, се пропишува во новите законски измени.

Од Министерството за образование и наука велат дека направена стручна анализа на квалитетот на учебниците кои се употребуваат во странски држави и дека треба да се даде можност за употреба на учебници од реномирани автори и издавачки куќи.

„Од тие причини се пристапи кон воведување на законски основ за воведување на адаптирани странски учебници во средното стручно образование во Република Македонија. Од аспект на примена на овој закон во праксата потребно е нормативно да се доуредат одредени одредби во законот како: Министерство за образование  и наука да може да откупи  потребен број на одобрени учебници за наставните предмети во средното стручно образование, како и постапката за одобрување и откуп“, се посочува во законското образложение.

Според предложените измени, одобрението за употреба на учебник усогласен со наставната програма го дава Педагошката служба во рок од три дена од денот на приемот на стручното вреднување од рецензентската комисија и позитивно мислење од Центарот за средно стручно образование и обука.

Против одобрението, во рок од осум дена од денот на приемот на одобрението, може да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен одлучува по поднесената жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата.

Министерството го откупува адаптираниот учебник од странство усогласен со наставната програма, заради обезбедување на учебници за учениците во средното стручно образование.

Министерот и домашниот издавач, односно странскиот издавач, преку овластен законски застапник во Република Македонија, за одобрениот адаптиран учебник од странство потпишуваат договор во кој се утврдуваат меѓусебните права и обврски.

 

M.В