/ Прочитано:

1.713

Законските измени за Судскиот совет и престанокот на Советот за факти за одговорност за судија пред пратениците

Владата на Република Македонија во Собранието на РМ ги поднесе Предлог-законот за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, по скратена постапка и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, по скратена постапка.

Основна цел на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија е престанување на важење  на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија  и враќање на надлежноста за водење на дисциплинска постапка на Судскиот совет на Република Македонија, водејќи сметка за  дадените забелешки и напатствија од меѓународните институции во делот на водењето на постапката и носењето на одлуката од страна на Судскиот совет на Република Македонија.

Основна цел на Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија  е да се зголеми транспарентноста во работата на Советот и да се поедностави дисциплинската постапка за утврдување на одговорноста на судија, а во согласност со меѓународните препораки и Програмата на Владата на Република Македонија за периодот од 2017-2020 година и воедно усогласување со Предлог-законот за престанување на важење на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија.

 Објаснување на содржината на Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија

Предлог-законот за Судскиот совет содржи 15 члена. Во членот 1 се  проширува надлежноста на Судскиот совет во однос на постапувањето по претставки и поплаки на граѓаните за работата на судиите. Со членот 2 се зајакнува транспарентноста во работата на Советот. Членовите 3, 4 и 5 се во функција на зајакнување на транспарентното работење на Судскиот совет.

Со членот 6 се уредува постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд и се воведува изборот на членовите на Комисијата за утврдување на одговорност да се избира по систем на ждрепка.

Со членот 7 се додаваат осум нови члена со кои се уредува постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд, а која постапка со донесувањето на Законот за престанување на важењето на Законот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија  се враќа во надлежност на Судскиот совет,  со вградени забелешки во согласност со меѓународните препораки, понатаму се уредуваат доставата и прибирањето докази за расправата по барањето. Имено, Комисијата закажува расправа во рок од седум дена од денот на добивањето на одговорот по барањето од судијата или претседателот на судот.  Комисијата работи во полн состав и со неа раководи претседателот.

Со членот 8 се предвидува иземање на членовите на Комисијата од одлучувањето во Советот.Со членот 9 се додаваат пет нови члена кои се однесуваат на одлуките на Советот и воедно се предвидува можност ако Советот во текот на расправата по предлогот оцени дека е потребна доработка на предметот, може списите по предметот да ги врати на Комисијата на доработка, со напатствија и насоки, која е должна извештајот по предметот со сите дополнително спроведени увиди да ги достави до Советот во рок од 15 дена.

Во членот 10 е прецизиран рокот за донесување на одлуката. Со членот 11 се бришат членовите од законот кои ги уредуваа двете дисциплински постапки за дисциплинска одговорност и постапка за разрешување на судија, а заради воведување единствена постапка за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд.

Во членот 12 се уредува начинот на одлучување по жалби на одлуки на Советот. Односно судијата или претседателот на судот има право на жалба против одлука на Советот, по кој одлучува  Врховниот суд. Во членот 13 се скратува рокот за одлучување за притвор за судија од три дена на 24 часа, од причина на итност на постапката.

Со членот 14 се воведува рок за доставување на годишниот извештај до Собранието на Република Македонија, односно 30 април. Со членот 15 се уредува влегувањето во сила на законот.

M.В