/ Прочитано:

2.751

Законските одредби за разрешување на јавниот обвинител на РМ по предлог на Владата на РМ

Во Законот за јавното обвинителство во делот за престанок на функцијата и разрешување на јавните обвинители, се уредува и прашањето за разрешување на јавниот обвинител по предлог на Владата на РМ.

Во ставот 1 од членот 67 од Законот за јавното обвинителство се пропишува дека Владата на Република Македонија, по претходно мислење од Советот на јавни обвинители на Република Македонија, до Собранието на Република Македонија поднесува предлог за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија.

Јавниот обвинител на Република Македонија, се пропишува во ставот 2 од членот 67, се разрешува од функцијата јавен обвинител пред истекот на мандатот:

поради незаконито, ненавремено или недоволно стручно вршење на функцијата,

– ако со своето однесување и дејствување покажува дека не е способен за извршување на функцијата,

– ако не поднесува барање за покренување на кривична постапка за случаи предвидени со закон и

– поради нарушување на угледот на функцијата.

Во ставот 3 од истиот член се вели дека иницијатива за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија може да поднесе Советот на јавни обвинители на Република Македонија, во која ќе ги наведе причините, околностите и фактите од кои се раководел за поднесување на иницијативата.

Владата на Република Македонија предлогот за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, се вели во ставот 4, го доставува до Советот на јавни обвинители на Република Македонија, кој е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот, до Владата на Република Македонија да достави образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма.

„На седницата на Советот на јавни обвинители на Република Македонија на која се расправа по предлогот на Владата на Република Македонија за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија не учествуваат јавниот обвинител на Република Македонија и министерот за правда“, се пропишува во ставот 5.

Во ставот 6 се пропишува дека јавниот обвинител на Република Македонија има право писмено да се произнесе по предлогот за негово разрешување.

Владата на Република Македонија, се вели со ставот 7 од членот 67, со предлогот за разрешување задолжително го доставува до Собранието на Република Македонија и мислењето на Советот на јавни обвинители.

Ако Советот на јавни обвинители на Република Македонија, се вели понатаму во ставот 8, од оправдани причини во определениот рок не достави мислење до Владата на Република Македонија, предвидениот рок во ставот 4 се продолжува уште за 15 дена. Ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата на Република Македонија.

„Јавниот обвинител на Република Македонија има право да присуствува на седницата на Собранието на Република Македонија и да се произнесе по предлог на Владата на Република Македонија за негово разрешување“, се пропишува во ставот 9 од членот 67 од Законот за јавното обвинителство кој се однесува на разрешувањето на јавниот обвинител по предлог на Владата.

Во однос на именувањето на јавниот обвинител, во членот 40 од  Законот за јавното обвинителство се пропишува дека јавниот обвинител на Република Македонија, по предлог на Владата на Република Македонија, го именува Собранието на Република Македонија за време од шест години со право на повторно именување.

M.В