/ Прочитано:

5.441

Започнува референдумот за зголемување на платеното отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство

Граѓанската иницијатива „450 породилно (Пеленска револуција)“ организира референдум за донесување на предлог-закон за работни односи со кој ќе се зголеми времетраењето на платено отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство од сегашните 9 месеци (за едно дете) и 15 (за повеќе деца), на 18 месеци за сите мајки, без разлика колку деца раѓаат.

„Референдумот ќе започне утре, а потписите ќе се соберат во период од 17 дена, од 20.9. до 7.10.2017 година во канцелариите на ДИК во сите градови низ државата. На граѓанската иницијатива ‘450 породилно (Пеленска револуција)’ која се организираше на социјалните мрежи и брои над 11.000 членови, потребни ѝ се 10.000 потписи“, истакнуваат од граѓанската иницијатива.

„Потпишувањето ќе се врши со лична карта или валидна патна исправа во општините каде што живеете. Ве молиме за поддршка на оваа граѓанска иницијатива со која мајките ќе остварат платен одмор поради бременост, раѓање и родителство во времетраење од 18 месеци“, додаваат од иницијативата.

Како што велат од ДИК, од утре па сè до 7 октомври,  сите подрачни канцеларии ќе бидат отворени за собирање на потребните 10.000 потписи.

М.В