/ Прочитано:

1.584

ЗАТВОРЕНИЦИТЕ БАРААТ НАМАЛУВАЊЕ НА КАЗНИТЕ: „Ако има милост за политичката елита, нека има и за нас“

Близу 2 000 затвореници од машкото и од женското одделение на КПД „Идризово“, како и од штипскиот затвор, доставиле потпишани списоци и заедничко барање до адвокатите Звонко Давидовиќ и Душко Јанковиќ, со кое бараат помилување од Претседателот на државата. Затворениците истакнуваат дека доколку нивното барање не биде разгледано во разумен рок, тие ќе ги искористат сите законски можности за вршење притисок, меѓу кои и штрајкот со глад, но и негласање на избори.

slika

„Ние про боно се нафативме да ги доставивме барањата до Претседателот на државата и јавно го искажуваме нивниот став,  користејќи го законското право и издаденото полномошно, но и имајќи ја предвид политичката и правната ситуација во РМ и особено одлуката на Претседателот за помилување на политичката елита и нејзините соработници“, вели Давидовиќ.

Адвокатот посочува дека близу 2 000 затвореници од машкото и од женското одделение на КПД „Идризово“, како и од штипскиот затвор, доставиле потпишани списоци и заедничко барање. Нивниот број, додава адвокатот, постојано се зголемува.

„Во Македонија има 3 152 затвореници кои ги издржуваат своите казни. Добар дел, ако не и најголемиот дел, се во такви услови во кои не може да стане збор човечкото достоинство. Претседателот давајќи го помилувањето говореше токму за човековото достоинство и за тоа дека секој човек може да згреши“, вели адвокатот Давидовиќ.

Затворениците, додава адвокатот, се чувствуваат заборавени и без милоста на Претседателот.  Тој нагласува дека во ситуација кога се помилуваат функционери кои влијаат врз општеството и кои треба да поседуваат висока морална и политичка  одговорност, Претседателот треба да има доблест да помилува луѓе кои ја издржуваат казната во услови спротивни на човековото достоинство и кои никако не влијаат на државата.

„Претседателот рече дека помилувањето е во насока на ‘ресетирање’ на системот и во насока на помирувањето. Па тогаш, ако е тоа така, она што го стори за политичката елита треба да го стори и за овие луѓе. Тие не влијаат на државата, немаат имот, единствено што имаат се нивните деца. Укажувам дека триесетина семејства со по два или три члена се наоѓаат заедно на издржување казна во затворот „Идризово“, а веројатно е така и во другите затвори“, вели Давидовиќ.

„За да има јавноста претстава што бараат затворениците, мораме да ви кажеме дека максималниот капацитет на македонските затвори е 2 026, а сега има 3 152 осудени лица. Најголем број се за шверцување мигранти. Затворениците се свесни дека сториле кривично дело и биле осудени за тоа. Но тие бараат, по политичката одлука на Иванов за помилување на 56 политичари, правната држава да функционира за сите. Бараат да не се обесправени и заборавени бидејќи помилувањата кои беа дадени од Претседателот за политички функционери не важат за обичните граѓани и никогаш не се применуваат. Затворениците не бараат целосно помилување, туку намалување на казните во зависност од волјата на Претседателот, а списокот до крајот на денот ќе биде испратен до Иванов“ истакнува адвокатот Давидовиќ, повикувајќи се на барањето на осудениците.

Во таа насока, Давидовиќ посочува дека во Македонија се говори и јавно за нефункционалноста на правната држава, за што претседателот Иванов, како универзитетски професор по право, треба да биде свесен и затоа и самиот треба да се залага правната држава да функционира за сите.

„Осудените лица кои бараат помилување се скромни, не бараат да им се прости казната. Во зависност од затвор до затвор, бараат 30 до 50 проценти намалување на казната. Јас сфаќам дека ова во јавноста на еден начин ќе одекне дека се бара да се пуштат надвор криминалците, но тоа не е точно. Тие луѓе се осудени за она што го сториле и веќе ги издржуваат казните, но ниеден од нив нема таква доблест да бара укинување на казната. Свесни се дека згрешиле и бараат само намалување на казната. Треба да се има милост ако споредиме со оние на кои им е дадена. Ако имаше доблест да го направи она што го направи Претседателот, мислам дека и овие луѓе заслужуваат, вели адвокатот Звонко Давидовиќ, додавајќи дека затворениците предупредуваат дека доколку нивните барања не бидат разгледани во разумен рок, полека ќе го радикализираат протестот.

М.В.