/ Прочитано:

828

ЗДРУЖЕНИЕТО НА СУДИИ: Судиите имаат капацитет и интегритет да ја вршат функцијата законито

Среда, 18 март 2015 – „Судиите имаат капацитет и интегритет да ја вршат судиската функција во согласност со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот“. Ова е ставот на Здружението на судии  во однос на снимките објавени на прес-конференција на СДСМ, по, како што велат оттаму,  произнесувањето на 26 подружници на судовите во земјава .

По најавата на Здружението на судии од пред точно еден месец дека ќе се произнесат за снимките коишто ги објави опозицијата, а коишто според СДСМ се доказ за спрегата меѓу власта и судството,  денеска оттаму, по одржаната седница, објавија кусо соопштение во кое се вели: 

„Здружението на судиите на Република Македонија смета дека судиите имаат капацитет и интегритет да ја вршат судиската функција согласно Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот на Република Македонија и со тоа обезбедуваат непристрасно судење, заштита и унапредување на слободите и правата на граѓаните и доследно почитување на принципот на владеење на правото“.

Минатата недела и новиот претседател на Судскиот совет на РМ, Бранко Ушковски, истакна дека немало политички пазарења во судството ниту работа на судиите под притисок.