/ Прочитано:

1.576

ЗДРУЖЕНИЕТО НА СУДИИ ВО ВРСКА СО АКТУЕЛНИТЕ СОСТОЈБИ ВО СУДСТВОТО: За непристрасна правда неоходно е непристрасно судство

Здружението на судиите на Република Македонија реагира во врска со актуелните состојби во судството и отворената кривична постапка против судиите на Управниот суд.

slika

Од Здружението на судиите на Република Македонија велат дека со особено внимание ги следат актуелните состојби во судството, особено прашањата кои се однесуваат на независноста, непристрасноста, евалуацијата и одговорноста, како највисоки дострели утврдени во Уставот на Република Македонија, законите од областа на судството, како и меѓународните документи, и тоа особено Европската конвенција за човекови права, Бенгалорските начала, Големата повелба за судиите, како и Мислењето бр. 3 на Советодавниот совет на Европските судии при Советот на Европа.

Здружението на судиите укажува дека независноста на судството е неопходно за обезбедување на непристрасна правда, и поради тоа судијата истата треба да ја поддржи и да дава пример на судската независност и во нејзиниот индивидуален и институционален  аспект.

Здружението на судиите укажува дека судијата ја врши судиската функција независно, врз основа на неговата процена на фактите и во согласност со совесното разбирање на законот, без никакви надворешни влијанија, поттикнувања, притисоци, закани или мешање, директно или индиректно од која било страна или од која било причина.

Здружението на судиите на Република Македонија укажува дека последицата на судската власт и довербата на доделените судии од страна на општеството е потребата од постоење на инструмент кој ќе ги одржува судиите одговорни и ќе овозможи дури и нивно отстранување од функцијата во случај на грешки во однесувањето, толку големи што ја оправдуваат таквата мерка. Потребата за внимателно препознавање на ваквата одговорност произлегува од потребата да се заштитат судската независност и слободата од несоодветен  притисок.

Здружението на судиите на Република Македонија укажува дека, во согласност со Амандманот XXV од Уставот на РМ, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Во согласност со Амандманот XXVII од Уставот на РМ, Здружението на судиите на РМ укажува дека судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и за одлучување при донесувањето на судските одлуки. Судија не може да биде притворен без одобрување на Судскиот совет на Република Македонија, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

Исто така, Здружението на судиите на Република Македонија укажува дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и законот и дека никој не може да биде привилегиран од одговорност доколку евентуално сторил какво било кривично дело, а со оглед на сензитивноста на судиската функција Здружението укажува на посебна внимателност во делот на постапувањето, преносот на информациите, како и на примената на начелата кои се дефинирани во согласност со позитивните прописи и меѓународните стандарди и права за извршување на судиската функција.

М.В