/ Прочитано:

1.555

Жените од руралните подрачја се лишени од правото на имот и не се свесни дека се традиционално дискриминирани

Денеска во организација на Македонската платформа против сиромаштија и Федерацијата на фармерите на Република Македонија беше презентирана анализата „Мултидимензионална анализа на сиромаштијата во РМ“.

Анализата, беше истакнато на денешниот настан, претставува прв обид преку статистички податоци да се опише ова важно прашање во Македонија, кој се заснова врз официјални извори на податоци. Македонија, се вели во анализата, е една од најсиромашните земји во Европа. Од вкупните миграции, на внатрешни, од село во град, отпаѓаат 42,4 отсто во Североисточниот Регион и 61 процент во Полошко.

„Степенот на апсолутната сиромаштија, во однос на процентот на населението што живее со дневен приход под 1,9 УСД, е доста низок, при што 1,38% од луѓето спаѓаат во оваа категорија граѓани. Според изворот на семејниот приход, сиромаштијата е највисока кај домаќинствата што живеат од социјална помош (90,6%), по што следуваат домаќинствата што имаат приход од земјоделството (57,4%) и оние што остваруваат приходи од привремена работа (57,3%). Распределбата на приходот и ресурсите е прилично нееднаква и најмногу ги погаѓа децата под 14-годишна возраст, руралните жени и невработените мажи. Младите лица во земјата (15-29 години) се меѓу најранливите и најлесно ранливи од социјална исклученост. Неформалната работа најмногу ги погаѓа младите работници и долгорочно невработените. Неповолната положба на ситните фармери како група луѓе кои живеат во руралните средини, во однос на неможноста ефикасно да ги користат факторите на производство – ниска продуктивност на факторите (вклучително и работната сила), најниски плати и пензии во земјата, недостиг од социјален капитал и немањето доверба – предизвикува слаб интерес за организирани активности на ситните фармери преку задруги“, се вели во публикацијата „Мултидимензионална анализа на сиромаштијата во РМ“.

На денешниот настан беше посочено дека околу 87 проценти од територијата на Македонија се карактеризирани како рурално подрачје, а во него живее 45 отсто од вкупното население. Во 21 отсто од вкупниот број села живеат помалку од 50 жители, во 104 села има по максимум десет, а внатрешната миграција достигнува 34 проценти. Состојбата на земјоделството е многу важен фактор кој влијае врз руралната сиромаштија затоа што тоа е примарна дејност на голем дел од руралното население.

„Руралните подрачја трпат опустошување, депопулација, поради внатрешната миграција која изнесува околу 34 отсто. Тоа значи дека 34 проценти од руралното население се преселило во урбаните центри. Ако се додаде и надворешната миграција, тоа е веќе сериозен, голем проблем не само за руралните средини, туку и за државата воопшто“, истакна професорката Емељ Туна, една од авторките на анализата. Околу 77 отсто од руралното население кое се занимава со земјоделство спаѓа во категоријата „неплатен труд“, што е уште повидливо кај руралната жена која и официјално е неактивна или како што покажува истражувањето, 63 проценти од руралните жени се неактивни, немаат пристап до едукација, многу малку се вработени, а ако се вработени, добиваат половина од платата што би ја земал маж. Руралните жени се воедно лишени од правото на имот и што е најчудно, сè уште, во денешни услови, не се свесни дека се традиционално дискриминирани. Нормите, неформалните традиции воспоставени одамна, многу тешко се менуваат поради што не може да се каже колку време ќе биде потребно за државните субвенции за рурален развој да имаат и да дадат некаков ефект“, образложи на денешниот настан професорката Емељ Туна, која е една од авторките на анализата.

Билјана Петровска од ФФРМ, која е коавторка на анализата, вели дека со анализата се даваат препораки за надминување на состојбата и дека за заживување на руралните средини, најпрво се неопходни реализирање инвестиции, изготвување стратегија за заштита од климатските промени, адаптација, договорно производство.

„Земјоделското земјиште и руралниот имот не се доволно вреднувани за да послужат како основа за добивање и земање кредити. Поради тоа, руралното население се третира како кредитонеспособно. Да не го спомнувам и нивото на образование или ограничувањата на руралните жени од кои само пет отсто се сопственици на имот, а тоа е поразителна бројка. При креирањето на политиките мора да се вклучат сите засегнати институции, не само Министерството за земјоделство, туку и министерствата за труд и социјала, и за економија“, додаде Петровска.

Истражувањето на ФФРМ и Македонската платформа против сиромаштијата се базира врз официјални податоци од Државниот завод за статистика, Светска банка, Европската комисија, „Фридом хаус“, „Транспаренси интернешнал“, УНДП и Центарот за истражување и креирање политики.

М.В