/ Прочитано:

4.644

Адвокатот Тома Фила – почесен доктор на науки на Универзитетот „Св. Климент Охридски“

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ ќе му додели титула почесен доктор на науки на познатиот адвокат Тома Фила за неговиот особен придонес во областа на правото, велат за Академик од Универзитетот.

foto akademik

Адвокатот Тома Фила кој често нагласува дека се гордее со Македонија, за која вели дека е неговата татковина,  роден  е  1941 година, во Битола. Син е на истакнатиот правник, адвокат и борец за правда Филота Фила. Средното образование и правните студии ги завршил во Белград. Дипломирал во 1963 година, а во 1967 година станал најмлад адвокат во Југославија.

Тома Фила бил секретар на Адвокатската комора, член на Советот на Правниот факултет во Белград, седумнаесет години бил член на уредувачкиот колегиум на многу стручни списанија, а од јануари 2009 година работел и како советник на тогашниот претседател на Владата на Република Србија Ивица Дачиќ.

Во јавноста стана познат како адвокат на луѓе обвинети за најтешки кривични дела, меѓу кои се и голем број луѓе обвинети за дела за кои следувала најстрога казна; бранел десет такви клиенти, а извршена е само една пресуда.

„Мојот најголем успех е ослободувањето на мој клиент, невин човек, од обвинение за повеќекратно убиство. Погрешија полицијата и обвинителството, но и првостепениот суд. Сепак, повисокиот суд ја утврди нивната грешка. Задоволството е големо кога ќе ослободиш невин човек, ама, за жал, тоа е многу малку веројатно. Јас мислам дека на илјада случаи еден да се докаже дека е невин, имаме каков-таков успех“, вели Фила.

Фила истакнува дека кога ќе влезе во судница, престанува да биде човек и станува адвокат. Судницата, вели Фила, не е место за емоции.

„Мојата единствена вистинска љубов е адвокатурата. Јас никогаш не мислев, а  и сега не мислам дека адвокатурата е занимање. Адвокатурата е начин на живеење, „цел човек“, вели еден од најпознатите адвокати на просторите на поранешна Југославија, кој двапати беше предавач и на конференциите на Академик посветени на правните ризици.

Фила бил правен застапник и на многу политичари и други јавни личности од просторите на поранешна Југославија, меѓу кои на: Јованка Броз, Слободан Милошевиќ, Жарко Лаушевиќ, еден период го застапувал и Горан Хаџиќ итн. Тома Фила е првиот адвокат од Србија ангажиран од Хашкиот трибунал, непосредно по неговото основање. Познат е и како остар критичар на работењето на Трибуналот.

„Јас сум единствениот адвокат кој е опоменат и казнет од Трибуналот бидејќи реков дека служи за сатанизација на Србија, и се гордеам со тоа“, истакнува познатиот адвокат.

ДЕНОВИ НА ИНСПИРАЦИЈА И НОВА ПРАВНА МИСЛА: Конференција за управување со правни ризици, Скопје, 2014

ИДЕИ ШТО СЕ ИДНИНА НА ПРАВОТО: Импресии од Меѓународната конференција „Управување со правни ризици: Правна етика и естетика“

M.В