/ Прочитано:

1.234

Нефункционален систем за спречување на корупцијата во јавните набавки

Системот за спречување на корупцијата во јавните набавки сè уште не е функционален. И натаму отсуствува меѓуинституционалната соработка во оваа смисла, се вели во Извештајот за главните карактеристики на јавните набавки во Македонија, кој го објавува Центарот за граѓански комуникации.

Според податоците, бројот на доставени жалби од фирмите за наводи за неправилности на тендерите останал многу низок (едвај околу 3% од објавените огласи за јавни набавки).

Државниот завод за ревизија, се вели во Извештајот, редовно посочува на неправилности при спроведувањето на тендерите, како резултат на извршените ревизии кај државните институции. Во 2018 година, до Обвинителството достави 12 извештаи, од кои два се поради оценка дека е сторено кривично дело/прекршок во јавните набавки.

Едниот од нив е во предистражна постапка, а за другиот сè уште се проверуваат наводите. Во 2018 година, Јавното обвинителство отворило 39 предмети, со кои се опфатени лица за сторено кривично дело од службено лице при вршење јавни набавки.

За два предмети, се додава во Извештајот, се поднесени обвинителни акти, за шест предмети е донесена наредба за спроведување истражна постапка, а 31 предмет се во предистражна постапка.

„Специјалното обвинителство се чини дека, барем засега, игра водечка улога во борбата против корупцијата во јавните набавки. Од вкупно оформените 24 предмети од ова обвинителство, шест се за злоупотреби во јавните набавки, од кои за три се водат судски постапки, а за другите три веќе има донесено пресуди. Во моментов се водат и шест нови истраги за сомневања поврзани со злоупотреба на службената положба во јавните набавки. Уште една во групата институции кои би требало да играат водечка улога во превенцијата на корупцијата во јавните набавки е Државната антикорупциска комисија. Настрана од фактот што оваа комисија не функционира речиси цела 2018 година, и во минатото таа не ја играше оваа своја улога на задоволителен начин. Во 2017 и 2018 година, оваа комисија не испрати ниту еден случај до Обвинителството за натамошно поведување постапка“, се посочува во Извештајот.

Друга значајна алка во синџирот за борба против корупцијата која не функционира во таа насока е системот на јавна внатрешна финансиска контрола во институциите, вклучувајќи ги овде и внатрешните ревизори.

„Беспредметно е во контекст на спречување на корупцијата да се споменува улогата којашто треба да ја игра механизмот на заштитено пријавување, бидејќи Законот за заштита на укажувачи, иако е на сила уште од 2016 година, едноставно не функционира во Македонија“, се истакнува во Извештајот.

Дел од системот за борба против корупцијата во јавните набавки, но без некоја позначајна улога во последните години, се Комисијата за заштита на конкуренцијата, Финансиската полиција и Државниот правобранител.

>>>Сумирани информации за главните карактеристики на јавните набавки во земјава за 2017/2018, борбата против корупцијата во јавните набавки, како и споредбени показатели и трендови за земјите од регионот

Политичката волја и јавниот притисок – најефикасни антикорупциски механизми при јавните набавки

Предлог-законот за спречување на корупцијата ќе добие европско знаменце за да се забрза неговото донесување

М.В