/Прочитано:

793

Сентенци на Вишиот управен суд од имотноправната област, за правата од работен однос и за даночните права

Вишиот управен суд објавува сентенци усвоени од судиите во согласност со членот 72 од Судскиот деловник. Сентенците се донесени и усвоени: од првиот судски совет за имотноправна област и други права, од вториот судски совет за пензии, инвалидски, социјални права, права од работен однос и други права и од третиот судски совет за финансиски, царински, даночни и други права.

Сентенците се објавени во Билтенот број 15  на Вишиот управен суд:

„ПРВ СУДСКИ СОВЕТ ЗА ИМОТНО – ПРАВНА ОБЛАСТ И ДРУГИ ПРАВА

Сентенца по основ: Одобрение за реконструкција на градба

Во постапка за реконструкција на градба законските одредби и тоа член 5 став 1 точка 5, член 62-а став 1, член 62-б, член 63, член 97 од Законот за градење, органот не е должен да ги вклучи во постапката за издавање на Одобрение за реконструкција непосредните соседи како заинтересирани лица како што е случај во постапка за Одобрение за градење и Одобрение за доградба и надградба.

Сентанца по основ: Легализација

Во постапка за одлучување по вонредно правно средство и тоа за утврдување на ништовност на решение во смисла на член 267 во врска со член 268 од Законот за општата управна постапка, решение може во секое време да се огласи за ништовно по службена должност, по предлог на странка или Јавен обвинител на Република Македонија, а не и по предлог на заинтересирано лице. Барањето на заинтересирано лице за огласување на решение за ништовно може да се смета само како иницијатива до органот што е надлежен да постапува и тоа да постапува по службена должност.

Сентанца по основ: Денационализација

Во постапка на административно извршување согласно член 281 од Законот за општата управна постапка, може и е предвидено кога административното извршување може да се запре по службена должност, меѓутоа со овој член се регулирани само спроведените дејствија кои можат да се поништат, а со повикување на овој член не може да се утврди ништовност на решение и заклучок, бидејќи ништовноста само на решение е утврдено со член 267 од истиот закон.

ВТОР СУДСКИ СОВЕТ ЗА ПЕНЗИИ, ИНВАЛИДСКИ, СОЦИЈАЛНИ ПРАВА, ПРАВА ОД РАБОТЕН ОДНОС И ДРУГИ ПРАВА

Сентенца  по основ: Придонеси од пензиско и инвалидско осигурување

Доколку со решение на Фондот е одобрено плаќање на придонес на рати во точно определен број на рати (12) осигуреникот е должен таа обврска последователно секој месец да ја извршува – плаќа. Неплаќањето или нередовното плаќање преставува основ за примена на одредбата од член 107 а од Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Сентенца по основ: Надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа

Треба да се Признае правото на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство- боледување, издадено од лекар кому му престанало својството на избран лекар, заради заминување во пензија. Евентуалната штета нанесена на тужениот орган од издавање на извештаи по престанокот на обавување на дејноста на избран гинеколог, истиот треба да ја бара во судска постапка, пред суд од општа надлежност, од субјектот кој му ја нанел со своето незаконито дејствие, ако такво се докаже. Осигуреничката немала законска обврска да биде информирана за настапувањето на условите за пензија кај лекарот кој го избрала да ја води нејзината бременост, па оттука таа не треба да трпи штетни последици.

Сентенца  по основ: Надомест поради невработеност

Според Судот, фактот што тужителот сеуште имал пријава во задолжителното социјално осигурување во Фабрика за шеќер 4-ти Ноември АД Б. за периодот од 13.07.2012 година до 30.11.2013 година и од 01.12.2013 година до 19.09.2014 година за кој период на тужителот му биле платени и придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, не може да биде основ за одбивање на правото на тужителот, на паричен надоместок од причина што на овие околности треба да внимаваат органите во постапката и истите да бидат регулирани помеѓу нив.

ТРЕТ СУДСКИ СОВЕТ ЗА ФИНАНСИСКИ, ЦАРИНСКИ, ДАНОЧНИ И ДРУГИ ПРАВА

Сентенца по основ:  Одобрение за оружје

Тужителот не ги исполнува условите за издавање на одобрение за набавка на оружје, за лов, согласно член 9 од Законот за оружје, за категоријата „Б-4“, полуавтоматско долго огнено оружје, од причина што согласно член 54 став 1 алинеа 4 од Законот за ловство, забрането е ловење дивеч со автоматска пушка и полуавтоматска пушка, со повеќе од два куршума и не доставил доказ дека има оправдана причина за набавување на оружјето од „Б-4“ категорија.

Сентенца  по основ: Данок на имот

Треба да се примени член 599 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ број 18/01 … 161/09) за премолчно обновување на закупот каде со став 1, е предвидено кога по истекот на времето за кое бил склучен договорот за закуп закупецот ќе продолжи да го употребува предметот, а закуподавецот не му се противи на тоа, се смета дека е склучен нов договор за закуп со неопределено траење, под истите услови како и претходниот.

Сентенца по основ:  Присилна наплата

Во постапката за присилна наплата, изречената прекршочна санкција според член 43 став 1 од Законот за прекршоците,  не може да се изврши ако од денот на правосилноста на одлуката за прекршокот помине една година. Исто така застарувањето на извршување на прекршочната санкција започнува да тече од денот кога одлуката за прекршокот станала правосилна. Застарувањето се прекинува со секое дејствие на надлежниот орган што се презема заради извршување на прекршочната санкција и по секој прекин застарувањето почнува повторно да тече.“

М.В