/Прочитано:

3.115

ЗАЕВ ЗА ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ: „Во еден дел сигурно се во право адвокатите, а во дел сигурно се во право и нотарите“

Претседателот на Владата, Зоран Заев, информираше дека денеска закажал состанок на кој треба да присуствуваат министерот и заменик-министерот за правда, неговиот советник за правни работи и претседателите на коморите на нотари и на адвокати, како и претставникот на Стопанската комора кој работи на оваа проблематика.

„Верувам дека денеска ќе најдеме решение кое е прифатливо за двете страни, а во функција на закон кој пред сè ќе им служи на граѓаните. Забораваат во борбата кој ќе добие повеќе можности да заработи дека сите им служиме на граѓаните преку пренесени овластувања. Пред сè, нотарите, но секако и адвокатите. Наша конечна цел како Влада е да ги намалиме трошоците на граѓаните пред која било постапка. Во тоа име јас се надевам дека денеска ќе имаме разбирање и од претставниците на двете комори и од Стопанската комора на Македонија да изнајдеме правично решение каде што секој ќе добие фер шанса, во согласност со Уставот и законите, да заработува во Република Македонија, но и граѓаните да добијат пониски сметки при нивните правно-формални постапки кои ги водат пред институциите“, истакна Заев, додавајќи дека Законот за нотаријатот секако ќе претрпи промени.

„Во одреден сегмент, барем во еден дел, сигурно се во право адвокатите, а во дел сигурно се во право и нотарите. Има и меѓународни практики. Ние не го измисливме ова и ќе ги примениме сите меѓународно добро познати примери и она што е пракса во Република Македонија, сослушувајќи ги аргументите на двете страни за на крај да се донесе правично законско решение за заинтересираните страни, но и во интерес на граѓаните“, истакна Заев.

Адвокатите бараат реформи на сите прописи кои ѝ штетат на адвокатурата, во спротивно највуваат штрајк (М.В)