/ Прочитано:

3.246

Законот за практикантство влегува во собраниска процедура – практикантите ќе добиваат месечен надоместок

Владата го усвои Предлог-законот за практикантство, кој ќе го достави и до Собранието на Република Македонија. Законот ќе овозможи целосно да се искористи потенцијалот на практичната работа, како и голем број на млади невработени лица без практично искуство одреден временски период да реализираат практична работа во реални услови, со што ќе станат поконкурентни и потоа полесно ќе се вклучат на пазарот на трудот.

Предлог-законот предвидува практикантот за време на практичната работа кај работодавачот да добива месечен надоместок, и тоа: од 42% до 74% од минималната нето-плата за практикантска работа до три месеци и во висина на минималната нето-плата за практикантска работа над три месеци.

Министерството за труд и социјална политика го објави текстот на новиот Предлог-закон за практикантство. Со Предлог-законот за практикантство, посочија од МТСП, ќе се овозможи непречено стекнување на практично искуство на невработените лица, зголемување на нивните вештини и полесно вклучување на пазарот на трудот и создавање на можности и услови на работодавачот за вработување на лица со практично искуство, кои имаат одредени вештини и знаења за одредени работи и работни задачи.

Што се предвидува во новиот Предлог-закон за практикантство?

Со општите одредби од законот се дефинира неговиот предметот, односно со членот 1 е предвидено да се уредат постапката, начинот и условите за остварување на практикантството, потоа правата и обврските на практикантот и на работодавачот кај кој се реализира практикантската работа, како и договорот за практикантска работа.

Со членот 3 е предвидено практикант да може да биде невработено лице на возраст до 29 години.

Потребата од практикант работодавачите ќе ја обезбедуваат со објавување на јавен оглас ( член 4) во кој треба да бидат содржани информации за можноста и условите за практикантство.

Со членот 6 се дефинира минималниот и максималниот период на практикантство, и тоа од 1 до 6 месеци, при што се предвидува еден практикант да може да врши практикантска  работа само еднаш кај ист работодавач (став 2).

Со членот 7 определен е максималниот број на практиканти кај работодавачите, и тоа во зависност од бројот на вработените на неопределено работно  време кај работодавачот во претходните три месеци пред ангажирање на практикантот. При тоа, со ставот 2 се предвидува работодавачот да не го намали бројот на вработени на неопределено време, освен во случај на остварување на право на пензија, или по вина на работникот, по волја на работникот, како и во случај на смрт.

Законот предвидува обврска за плаќање на надоместок за време на практикантската работа на практикантот од страна на работодавачот, и тоа во висина од 15% од просечната бруто-плата во Републиката исплатена во претходната година, за практикантска работа до 3 месеци (член 8, став 2, алинеја 1). Доколку практикантската работа се реализира подолго од 3 месеци, а најмногу до 6 месеци,  месечниот надоместок кој треба да му го исплати работодавачот на практикантот треба да биде во висина на минималната нето-плата утврдена со закон (член 8, став 2, алинеја 2).

Со законот се утврдени и правата и обврските на практикантот и на работодавачот. Имено, со членот 9 од законот предвидени се правата на практикантот за време на практикантската работа, а со членот 10 обврските.

Со членот 11 утврдени се обврските на работодавачот.

Со членот 12 е предвидено дека практикантот пред да започне со практикантска работа, мора да има потпишан договор за практикантство за ангажирање кај работодавачот. Во договорот ќе се уредат односите, правата и обврските помеѓу страните (став 1). Со ставот 2 од истиот член се предвидува доколку се склучи договор со лице помладо од 18 години, договорот да го потпише и родителот, односно старателот на практикантот. Договорот за практикантство може да биде склучен за полно работно време или за работно време пократко од полното работно време, во зависност од волјата и од потребите на двете страни (став 3). Со ставот 4 се забранува склучување на договор за практикантство за замена на постојно работно место, а за време на практикантската работа практикантот не ги губи правата по основ на невработеност и правата од областа на социјалната заштита утврдени и стекнати во согласност со закон. Работодавачот има обврска секој склучен договор да го пријави во Агенцијата за вработување на РМ.

Со членот 13 се пропишува содржината на договорот за практикантство, односно сите елементи наведени во овој член треба да бидат содржани во договорот за практикантската работа.

Со законот (член 14) се предвидени и условите кога може да престане договорот за практикантство (став 1), како од страна на практикантот (став 2) така и од страна на работодавачот (став 3), при што секоја од страните има обврска да достави писмена изјава за раскинување на договорот во рок од 5 дена пред да го раскине (став 4). Во случаите кога договорот се раскинува пред истекот на времето за кое е склучен, работодавачот има обврска во рок од 3 дена да ја извести Агенцијата за вработување на РМ.

Со членот 15 од законот е предвидено работодавачот да води електронска евиденција за практикантите, на ист начин како за останатите вработени.

Агенцијата за вработување на РМ води електронски регистер на договорите за практикантска работа.

Со законот се предвидени и прекршочни одредби, како и постапка за едукација.

Што се предвидува во новиот Предлог-закон за практикантство?

Практикантската работа законски ќе се регулира – МТСП подготвува нов Закон за практикантство

ДИСКУСИЈА ЗА ЗРО И ПРАКТИКАНТСКАТА РАБОТА: Се подготвува нов Закон за практикантство

М.В