/ Прочитано:

1.907

„Се штитат крадците на предметите“

„МУЗЕЈ“ ПРЕД АПЕЛАЦИЈА: Обвинетите побараа укинување на пресудата – тврдат дека се колатерална штета

Одлука со која обвинетите се ослободуваат од обвинение, или, пак, укинување на првостепената пресуда и враќање на предметот на повторно постапување побара денеска одбраната на обвинетите во случајот „Музеј на Македонија“ на денешната седница во Апелациониот суд Скопје. 

sudenje-muzej-2Апелациониот суд Скопје, денеска, на јавна седница во петчлен совет на чело со судијката Лилјана Ивановска-Шопова, ги разгледуваше жалбите поднесени на првостепената пресуда за случајот „Музеј“, со која седуммина обвинети, најголемиот дел вработени во Музејотот на Македонија, беа прогласени за виновни и осудени на затворски казни кои се движат помеѓу една – најниската и осум години и осум месеци – највисоката затворска казна.  Со оваа пресуда, која на седницата беше прочитана од судијата известител Татјана Дуковска, дел од обвинетите се осудени за наводно несовесно работење и постапување со депоата на Музејот на Македонија, поради кое дошло до одземање/кражба на 162 археолошки предмети од непознати лица. Дел, пак, се осудени дека како  членови на  Комисијата за откуп на музејски материјал при НУ Музеј на Македонија, се товарат за  противзаконски откуп на монети.

Во своите излагања адвокатите укажаа на голем број пропусти и грешки во текот на постапката, како и сервилност на судот во однос на обвинителството.  Според адвокатите и обвинетите, пресудата е препис на обвинението, без притоа да се земат предвид доказите според кои, како што посочија, се докажало дека се работи за невини лица. Тие на советот му укажаа дека сите сведоци на обвинителството, всушност ги поткрепиле наводите на одбраната со што се фрла сомнеж врз непристрасноста на судот.

„Судот не ги ценел со еднакво внимание доказите на одбраната и обвинителството. Повеќе од очигледна е сервилноста на судот“, истакнаа тие.

Пресудата ја оценија како неразбирлива, посочувајќи дека не се изнесени причините за решителните факти и дека прекршено начелото на барање на вистината.

„Делото за кое се товари мојот клиент е паушално раскажано дело во кафански манир“, истакна адвокатката Светлана Савиќ, бранител на првообвинетиот Златко Видески, програмски директор на Археолошкиот музеј при НУ Музеј на Македонија и кустос.

Таа исто така наведе дека во еден момент судијката Моника Бахчованска, која ја водеше првостепената постапка, и самата и рекла на обвинителката Жаклина Стеваноска ако немаат докази „да си одат дома“.

„Однесувањето на судот не беше на ниво на суд“, истакна Савиќ. Според адвокатката, во еден наврат кога барале укинување на притворот на обвинетите, кои таму се наоѓаат речиси две години, или замена со куќен, судијката им се обратила со следниве зборови: „Ако ги пуштам, ќе ме закачат на Александар Македонски“.

Според одбраната и обвинението и пресудата се всушност обид да се заштитат вистинските крадци, кои до денеска не се откриени, иако исчезнувањето на артефактите беше обелоденето од самите обвинети во ноември 2013 година.

„Овие обвинети се колатерална штета за да се заштитат вистинските крадци“, подвлекоа адвокатите.

Пресудата која беше донесена на 20 март минатата година предизвика негативни и жестоки реакции во  јавноста поради високите затворски казни на кои беа осудени вработените во Музејот, а особено поради фактот што истовремено сторителите на кражбата и предметите се’ уште не се најдени.

>> Повеќе за предметот информирајте се ТУКА.