/ Прочитано:

3.098

Адвокатот Горан Миленков нов претседател на Антикорупциска

Четврток, 16 април 2015 – Длабоко сум убеден, како лично така и професионално, дека сите ние со своите професионални етички карактеристики и ангажмани и со стручните искуства што ги имаме зад себе ќе ја постигнеме целосно целта на законот на кој почива работата на оваа Комисија за спречување на корупцијата, изјави денеска на прес-конференција новоизбраниот претседател на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), адвокатот Горан Миленков од Скопје.

Миленков најави исклучителна транспарентност на Комисијата.

„Работата на Комисијата во овој состав ќе биде многу транспарентна, многу јавна. Ќе бидете известувани целосно, јасно, одговорно за сите преземени надлежности што се во рамки на Комисијата, во смисла на законот“, рече тој.

Првиот антикорупционер не сакаше да коментира дали  Комисијата ќе расправа за објавените прислушувани телефонски разговори.

„Денешната седница беше прва наша конститутивна седница. Имавме две точки на дневен ред – тоа беше конституирање на новиот состав на Комисијата и втората точка беше избор на претседател. Ова што го прашувате сега не беше тема на седницата, но секако на другите наши седници ќе треба да почнеме да работиме, па ќе ве известиме дополнително“, одговори Миленков на новинарско прашање.

Новиот претседател не откри колкав број предмети наследил од својот претходник Ѓорѓи Сламков, ниту дали новите антикорупционери имале средба со своите претходници.   

Освен адвокатурата, во биографијата на Горан Миленков стои и советничката работа во Министерството за надворешни работи.

Новиот состав на Антикорупциската комисија беше изгласан на вчерашната собраниска седница, а во новите редови останаа само двајца членови од стариот состав. Тоа се Сеиди Халили, дипломиран економист од Тетово и Фарије Алиу, дипломиран економист, доктор на економски науки од Гостивар.

Во новиот состав на Комисијата беа избрани и: Игор Тантуровски, дипломиран економист и д-р на економски науки од Скопје, Најдо Спасевски, адвокат од Скопје, Сузана Таскова Аџикотарева, дипломиран правник магистер по казнено право од Скопје, Жаклина Данчевска, дипломиран правник, магистер по деловно право од Прилеп.

Членовите на Државната комисија ги именува Собранието на Република Македонија со мандат од четири години со право на уште едно именување. Од редот на овие именувани членови Државната комисија избира претседател со мандат од една година со право на уште едно именување.

>> ФОТО Новите антикорупционери дадоа свечена изјава во Собранието на Република Македонија  E. П.