/ Прочитано:

1.004

Академик одржа обука за практичната имплементација на новините во ЗПП

Практичниот аспект на имплементацијата на измените и дополнувањата на Законот за парничната постапка беше во фокусот на денешната обука во организација на Академик.

6 obuka 25 04

На обуката се разгледаа и се дискутираше за клучните прашања во врска со најновите измени и дополнувања на Законот за парничната постапка, стопанските спорови и доказната постапка, како и дилемите во врска со спроведувањето и решавањето на парничните предмети во судовите.

2 obuka 25 04

Во таа насока, на обуката се анализираше и Коментарот на Законот за парничната постапка од 2016 година, во авторство на проф. д-р Кирил Чавдар, кој беше предавач на денешната обука. Професорот Чавдар и судијката Антоанета Димовска, судија во Основниот суд Скопје 2 – Скопје, говореа за значајните измени на Законот за парничната постапка, презентирајќи бројни практични примери и примери од судската пракса поврзани со примената на ЗПП.

На обуката стана збор и за задолжителното водење на записник во форма на тонски запис, за зголемувањето на вредноста на предметот на спорот за спорови по имотно-правни барања по кои постапува судија поединец.

Се говореше и за начинот на кој странките го остваруваат своето право да дојдат до документите кои им се потребни во парничната постапка, а кои се наоѓаат кај спротивната странка или кај трето лице.

7 obuka 25 04

Понатаму, во врска со законските новини,  на обуката се дискутираше и за прашањата за зголемувањето на активната улога на странките во постапката и зголемувањето на нивната одговорност за успехот во спорот, за суштествените повреди на одредбите од парничната постапка, за тужбените барања, за постапката по приговор по нотарски платен налог и за можноста пресудата или решението со кое се завршува спорот да може да се побива и поради погрешно или нецелосно утврдена фактичка состојба.

5 obuka 25 04

Учесниците на обуката нагласуваат дека за нив е од исклучително значење што обуката беше простор за интерактивна дискусија и за размена на искуства и знаење, не само од поширок едукативен контекст туку и од контекст на практичното работење.

„Тоа за нас, како луѓе од практиката, е најважно при реализација на вакви едукативни настани и практични обуки“, коментираат тие.

„Мошне корисна обука на која говореа одлични предавачи, кои имаа прецизни и јасни дискусии. Беше задоволство да се слушнат познатиот професор Чавдар и почитуваната судијка Димовска. Она што го презентираа на обуката, поткрепено со бројни практични примери, за нас е голема бенефиција“, велат учесниците.

„Задоволен сум од предавањата. Предавачите солидно ги образложија законските измени, што за нас, се разбира, ќе биде од голема корист“, адвокат Лефко Тонески.

„На обуката се дискутираше за многуте новини во Законот за парничната постапка, имаше интерактивна дискусија и се добија многу одговори на дилемите што се наметнуваат од примената на Законот низ практиката“,  Маја Арсовска, АД „Винер“.

„Одлично беше реализирана обуката. За тоа голем удел имаат и одличните предавачи кои направија извонреден осврт на измените на Законот за парничната постапка, а во врска со практичната имплементација на законските новини“, Виолета Василева, Адвокатско друштво „Де леге“.