/ Прочитано:

1.779

Акционери на „Макпетрол“ се приклучија кон кривичната пријава на МВР против менаџментот на компанијата

Петок, 11 септември 2015 – Шеснаесетмина малцински акционери денеска на прес-конференција информираа дека се приклучиле на кривичната пријава што Министерството за внатрешни работи ја поднесе против членовите на Управниот и Надзорниот одбор на „Макпетрол“. Тие ги повикаа и другите акционери да го сторат истото. 

Акционерите тврдат дека се оштетени и дека фирмата се движи кон банкрот откако е формирано Командитното друштво „Оилко“ кое е во сопственост на менаџерскиот тим на „Макпетрол“ и кое поседува 22,30 отсто од акциите. Некои од акционерите се се’ уште вработени во компанијата, а некои, како што беше наведено, биле отпуштени изминативе години откако се обиделе да се спротивстават.

„Загрижени сме за судбината на нашата компанија, за која, доколку не се преземе решителна акција, набрзо ќе банкротира“, истакнаа тие.

Обвинувања и за мобинг

Мира Данаилова од Скопје тврди дека изминативе години акционерите немале можности да ги искористат своите права во друштвото и биле обврзани полномошното да им го даваат на луѓе назначени од менаџерскиот тим.

„Ниту еднаш не ми беше овозможено да присуствувам на Собрание на акционери и да кажам што сакам. Морав да потпишувам да ме застапуваат луѓе назначени од менаџерскиот тим, кои ниту еднаш не најдоа за сходно да ме информираат што се зборувало и што се одлучувало на Собранието. Тие ги застапуваа интересите на менаџерскиот тим, за да им поминуваат одлуките како што им одговара“, рече Данаилова.

Tие исто така обвинија и за мобинг. Според, Жика Ѓоргиевски, поранешен вработен во „Макпетрол“ мобингот на кој бил изложен бил причина за крајно влошување на здравствената состојба и заминување во пензија.

Дел од нив, како што информираа, веќе биле повикани во Јавното обвинителство каде што дале свој исказ во врска со кривичната пријава против генералниот директор и членовите на Управниот и Надзорниот одбор на „Макпетрол“.

„Поради незаконското работење и поради систематското уништување на нашата компанија, поднесена е кривична пријава против генералниот директор и против членовите на Управниот и на Надзорниот одбор на „Макпетрол“, на која според нашето мислење се чекаше премногу. Но, сепак, првпат досега, јавното обвинителство нè повика и нас, дел од акционерите на „Макпетрол“, да дадеме свој исказ за овој, за нас многу важен случај“, велат тие.

Според нив, во изминатите шест години, направена е вкупна загуба од 15 милиони евра, и покрај тоа што приходите на компанијата од продажба на нафтени деривати постојано растат. Тие, како што рекоа, се надеваат дека преку судска постапка ќе се спречи понатамошното газење на нивните права како акционери, но исто така ќе се заштити капиталот на компанијата.

„Макпетрол“: Тврдењата се паушални и неосновани 

Oд „Макпетрол“, пак, преку соопштение, обвинувањата ги отфрлија како паушални и неосновани. 

„Не навлегувајќи во мотивите на оваа незначителна група акционери, сметаме дека единствено вистинско место за ваква дебата се органите на корпоративно управување на компанијата и дека ваквите јавни и тенденциозни напади не можат да се толкуваат како добронамерен потег, туку, напротив како обид да се нанесе штета на компанијата и на останатите акционери“, се вели во соопштението.

>> „МАКПЕТРОЛ“: „Паушални и неосновани тврдења од незначителна група акционери“

Пред околу два месеца, МВР поднесе кривична пријава против десет членови на Управниот одбор на компанијата и осум на Надзорниот, кои се се сомничат за незаконско прелевање на капитал од „Макпетрол“ во „Оилко“, како и против три лица кои биле на чело на Централниот регистар, Централниот депозитар за хартии од вредност и Комисијата за хартии од вредност. МВР сите 13 лица ги сомничи за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување. 

Е . П.