/ Прочитано:

1.188

„МАКПЕТРОЛ“: „Паушални и неосновани тврдења од незначителна група акционери“

Петок, 11 септември 2015 – Паушални и неосновани, вака компанијата „Макпетрол“ ги оценува тврдењата на шеснаесетмината малцински акционери, кои денеска на прес-конференција информираа дека се приклучуваат кон кривичната пријава на МВР против членови на Управниот и Надзорниот одбор на компанијата. 

Соопштението ви го пренесуваме интегрално:

„Во врска со јавно изнесените паушални и неосновани тврдења, пласирани од незначителна група акционери, компанијата Макпетрол АД, заради заштита на останатите свои акционери и во интерес на вистината информира дека:

Лицата кои се појавија на денешната прес конференција претставуваат незначителен дел од акционерската структура на Макпетрол АД. Нивните тврдења претставуваат паушални и неточни обвинувања кои со ништо не се аргументирани.

Макпетрол АД, како што јавноста веќе знае, во текот на целокупното свое работење ги почитува највисоките законски и етички стандарди, како во делот на корпоративното управување, така и во односите со своите акционери. Сите акционери редовно и транспарентно се информирани за деловните резултати на Компанијата, финансиските и други показатели, и имаат увид во сите соодветни внатрешни ревизии, надворешни контроли и ревизорски извештаи.

Исто така, Макпетрол АД, редовно ги објавува сите извештаи на страницата на Македонската берза согласно со Правилата за котација.

На акционерите секогаш им стои можност да се обратат до компанијата за дополнителни информации, или своите евентуални забелешки да ги достават до Собранието на акционери согласно важечките законски прописи во Република Македонија.

Макпетрол АД посочува дека најголемиот број акционери се задоволни од работењето на компанијата и сметаат дека со нивните акции соодветно се управува, што е видно и од записниците од сите седници на акционерското собрание.

Не навлегувајќи во мотивите на оваа незначителна група акционери, сметаме дека единствено вистинско место за ваква дебата се органите на корпоративно управување на компанијата и дека ваквите јавни и тенденциозни напади не можат да се толкуваат како добронамерен потег, туку, напротив како обид да се нанесе штета на компанијата и на останатите акционери.

Би сакале да ги известиме сите акционери дека Макпетрол АДќе продолжи со инвестиции и развој паралелно со рационализацијата на оперативните трошоци, со што сме убедени дека долготрајниот успех и иднината на компанијата ќе бидат обезбедени“.

>> Акционери на „Макпетрол“ се приклучија кон кривичната пријава на МВР против менаџментот на компанијата