/ Прочитано:

1.856

БЕГАЛСКА КРИЗА: ЕУ мора да помогне и да соработува со транзитните земји

Европската унија конечно мора да погледне и на бегалската рута низ Македонија, а не само на таа во Италија, изјави денеска шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц. Според шефот на германската дипломатија, пак, Франк Валтер Штајнмаер, мерките усвоени кон крајот на јуни од страна на ЕУ не биле доволни и брзи за надминување на проблемот. Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер наведува дека државите членки треба да престанат со одолговлекување и да ги применат постоечките договори за тоа прашање и да ги усвојат европските мерки. Европа доцни и не е подготвена за бранот бегалци од кризните воени жаришта. Таа се буди од еден сон кој стана кошмар, оцени во интервјуто за Академик во врска со прашањето за бегалската криза, Тони Дескоски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Европската унија конечно мора да погледне и на бегалската рута низ Македонија

„Долгорочно решение на проблемот е можно само ако се договорат кризните држави. Ситуацијата во Македонија е драматична затоа ЕУ мора да помогне.Во секој случај, Австрија ќе помогне и ќе соработува со македонската Влада“, изјави денеска шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц, кој заедно со македонскиот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, го посети прифатниот камп за мигранти во Гевгелија.

„Наша проценка е дека ескалацијата ќе продолжи и оти е нелогично што проблемот ни доаѓа од земја­членка на ЕУ со која немаме никакви контакти во тој дел, поради што очекува конкретна помош од Европската унија“, рече министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, кој најави дека за изнаоѓање заеднички решенија околу бегалската криза ќе се состанат министрите за внатрешни работи на Австрија, Унгарија, Србија и Македонија.

За прашањето за напливот на мигрантите и бегалската криза денеска во Берлин ќе разговараат и Германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Франција, Франсоа Оланд. Според најавите, лидерите на двете земји, ќе разговараат за напорите на Европската унија да се справи со најголемата мигрантска криза во последните 50 години.

ЕУ мора да соработува со транзитните земји

За бегалската криза свое видување даде и шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер, според кого мерките усвоени кон крајот на јуни не биле доволни и брзи за надминување на проблемот. Во таа насока и претседателот на Европската комисија Жан Клонд Јункер наведе дека државите членки треба да престанат со одолговлекување и да ги применат постоечките договори за тоа прашање и да ги усвојат европските мерки. Чешкиот премиер Бохусалав Соботка нагласува дека ЕУ мора да соработува со транзитните земји кон Европа низ кои патуваат бегалците.

Македонија прогласи кризна состојба на 19 август со која  утврдува постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Македонија и тоа на подрачјата на јужната и северната граница на Република Македонија, заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата.

ЕK: Внимателно ја следимe ситуацијата 

По усвојувањето на мерката Македонија ја затвори јужната и северната граница за мигрантите откако нивниот број се зголеми на 2 илјади дневно. Затворањето на гранците резултираше и со физички судири меѓу мигрантите и припадниците на македонските вооружени сили. За овие настани се оглaси и „Амнести интернешенал“, од каде истакнаа дека  бегалците и баратели на азил, воглавно од Сирија, Авганистан и Ирак, се заглавени и се соочуваат со сериозен ризик од насилство откако македонските власти  ја запечатија јужната граница. Исто така, за настаните на јужната граница се огласи и Европската комисија која наведе дека внимателно ја следи ситуацијата на македонско-грчката граница.

„Македонија има право, во согласност со меѓународните закони, да ги контролира лицата кои сакаат да влезат на нејзина територија и да им забрани влез на оние кои не ги исполнуваат критериумите“, соопшти прес-службата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Претходно и дел од македонската стручна јавност потенцираше дека кон проблемот со бегалската криза мора да се гледа со серизоност, особено од страна на Европската унија.

Европа доцни и се буди од еден сон кој стана кошмар

„Европа доцни и не е подготвена за бранот бегалци од кризните воени жаришта. Таа се буди од еден сон кој стана кошмар. ЕУ повторно ја покажува сопствената слабост, а таа слабост е во неможноста да се постигне една согласност за справување со заедничкиот проблем и со заедничката опасност.

Покрај ЕУ, задачата на земјите во светот е да сфатат дека да се распредели товарот со бегалците. Да имаше јасна политика во западната алијанса, дека ќе се носатпоследиците на конфликтот во Сирија, каде што тие активно поддржуваат некои од учесниците, ќе беа подготвени и за да ги прифатат бегалците и да ги санираат тие последици. За жал, очигледно тоа не е направено и сега ќе го плаќаме цехот за тоа, истакна во интервјуто за Академик Тони Дескоски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Професорот подвлекува дека задачата на земјите во светот е да сфатат дека мора да се распредели товарот.

„Во таква ситуација нормално е дека сакаат да му го префрлат товарот на другиот. Тоа е она што ни се случува и поради што го имаме проблемот денес. Да имаше јасна политика во Западната алијанса, дека ќе се носат последиците на конфликтот во Сирија, каде што тие активно поддржуваат некои од учесниците, ќе беа подготвени и за да ги прифатат и да ги санираат тие последици. За жал, очигледно тоа не е направено и сега ќе го плаќаме цехот за тоа“, истакна  тој, додавајќи дека  проблемот не е правен, туку  политички и проблем на терен.

Конвенции дизајнирани за состојбите по Втората светска војна

„Азил е  заштита што ја дава една земја на лице кое е прогонето или на кое му се заканува прогон, било поради воени конфликти, било поради тоа што му се заканува опасност по личниот интегритет, по семејството итн. Регулиран е со меѓународни конвенции на кои се членки сите европски земји, но датираат од 50-тите-60-тите години на минатиот век.  Всушност, тие се дизајнирани за состојбата во Европа по Втората светска војна. Во меѓувреме не се ревидирани, бидејќи никој не предвидуваше дека ќе има ситуација со милионско раселување на луѓе кои бараат заштита. Но, еве, се покажува дека на секоја политичка и воена криза првиот нејзин ефект е огромната маса бегалци.  Она што се случува е што таа маса бегалци што беше апсорбирана главно во Јордан, во Турција, односно во земјите соседни на Сирија и Либија, сега почнува да се придвижува наваму. Зошто? Поради тоа што триста илјади, петстотини илјади, еден милион луѓе, колку што има во Јордан или во Сирија, се преголем товар за тие држави“, вели Дескоски.

„Европа доцни и не е подготвена за бранот бегалци – таа се буди од сон кој стана кошмар“ – ПРОФ. Д-Р ТОНИ ДЕСКОСКИ М.В