Краток ум, средени коси и дебели фризерски сметки

Постои едно интимно правило и сфаќање на владеењето на правото за македонски услови – законите да важат за сите, освен за самиот себе. Тоа се прифаќа со таков пиетет што постанува „правен стандард“ и одраз на коефициентот на снаодливост во општеството оти „такво е времето“.

Тој правен интимен маскембал најдобро може да се согледа и кога граѓанинот сака да инвестира во купување на имот, меѓутоа сака тоa да биде прикриено, без да дознае никој, па дури ни лице кое може да му посочи на сите легалистички аспекти за таа пред се правна финансиска интервенција: дали постојат правни аномалии и недореченостии дали можеби ќе плати повисока цена во секоја смисла токму поради неговата желба свесно или несвесно да биде дел од „шемите“ на урбаниот криминал и лековерноста.

Постојат многу примери за тоа како граѓани биле жртви на големи измами со продавање на станови. Најсвеж пример е фризираната измама од страна на фризерка која нудела станови по багателни цени ко да се склапани во Кина. Психоаналитиката на фризираниот ум говори дека измамениот граѓанин верувал на својот наметнат рефлекс дека „сега е времето кога ќе испадне попаметен од сите” и ќе добие стан среден со луцидните ножици на фризерката која ете пронашла начин со еден џентлменски договор да ги прескокне сите  „тупачки“ правни процедури, башка по кинески цени. Како и да е, причината за измамувањето на граѓанинот – „клиенот и муштеријата на фризерката“ е во неговата лековерност. И да сакал да биде учесник во матни зделки или само просто да верувал дека менито на фризерката навистина нуди буџетско потстрижување не станбените цени – одговорот е тој. Лековерноста и инстант прифаќањето на мултиплицираното и пермутирано фолклорно правило дека законите треба да важат за сите освен за самиот себе во комбинација со начелото на презумпција за криминал дека се е лага – создаде повеќе милионери во оваа држава од било што друго. Сѐ би било поинаку доколку измамениот граѓанин едноставно би консутирал лица упатени во оваа проблематика и доколку го отфрлел тој сегмент на менталитетот да се прикриваат работи за кои мора и пожелно е да ангажира адвокат, токму онака како што ангажира бербер или фризер за естетика на хабитусот и рожните творби. Практично, без тоа, тој постанува жртва на сопствениот малоѓрански перформанс и естетика – средени коси, краток ум и долги фризерски банкарски сметки на сметка на едноставно прочепкување по документацијата на облигациониот договор за купување на стан. Апсурдот е што еден фризерски третман ја надминува цената од професионален ангажман на адвокат кој би превенирал можни злоупотреби со купувањето на станови и склучувањето на договори за тоа.

Содржината и структуирањето на вакви договори е во надлежност на адвокати и покрај тоа што не се задолжителни со оглед на облигаторно правната привиниенција на нивниот предмет, но сепак инструкциите се дека тие се пожелни и неопходни. Тоа е препорака и на здруженијата на градежни работници. И интенција на нивното вклучување е токму во тоа да се спречат злоупотреби за да граѓанинот не дојде во криминалната машинерија на фризираните договори. Останува историскиот впечаток дека жртвите на овој тип криминал се жртви на својот менталитет и лошото резонирање за превенција на својот интерес и финасии. Се додека не постои колективна свест и лично разумно пресудување дека априорната заштита на интерсите и правата на граѓанинот е во сферата која според Уставот е должна тоа да го прави –вакви измами ќе постојат и вината не треба да се бара во други, затоа што таа е најпрво во себе.


Објавено: 02.04.2013

Останато од авторот: