/ Прочитано:

2.023

БОРБАТА ЗА РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА Е СЕКОЈ ДЕН! – Дејан Лутовски, ДСП „ЛЕНКА“

Конечно работниците треба да го препознаат својот социјален интерес, треба да препознаат дека во Македонија постојат организации кои сепак се борат за работничките права и дека конечно поради сето ова што ни се случува во државата треба да го напуштат тој скара-менталитет и да излезат на Први мај со напомена дека борбата трае секој ден, вели во интервјуто за Академик Дејан Лутовски од ДСП ЛЕНКА, кој како поборник за социјална правда и постдипломец на Правниот факултет нагласува дека за него почитувањето на работничките права е императив за правдата и дека секое отстапување од социјалната и работничка праведност кај луѓето и кај работниците инстинктивно создава револт кој најдобро може да се изрази преку борба за права и протести.

Ден пред првомајскиот протест Дејан Лутовски, подготвувајќи транспаренти и пароли со повик за почитување на работничките права, вели дека за исполнување на нивните цели потребна е верба, но најважна е борбата за правата преку конкретно изразување на револтот. Истакнува дека сѐ повеќе млади луѓе пристапуваат во ЛЕНКА и дека како и во светски рамки, така и во Македонија свесноста за работничките права и вредностите на социјалната држава растат полека, но сигурно.

Работниците треба секој ден да се борат за своите права

„Работниците треба секој ден да се борат за своите права бидејќи нивните работнички и социјални права се на удар во текот на целата година. Но, ете, особено на Први мај треба да се појават на протест, синдикално зајакнати и организирани и на тој начин да го изразат своето незадоволство околу кршењето на нивните работнички права и носењето на антиработнички и антисоцијални закони“, вели Лутовски.

Работничките права ги кршат оние кои треба да ги штитат

Според сознанијата на ДСП ЛЕНКА, Лутовски вели дека во Македонија работничките права особено се кршат од оние што, всушност, треба да ги заштитат.

„Да илустрирам со пример. Постојат некои случаи кога го известуваш трудовиот инспекторат дека правата ти се повредени и трудовиот инспекторат наместо да дојде и да изврши вонреден инспекциски надзор тој ги известува газдите и прават шминкање на целата ситуација дека сѐ изгледа во ред и притоа не се утврдуваат никакви прекршувања на работничките права и може да се продолжи со работа. Значи, кај нас најмногу се на удар работничките права во праксата, дури и кога се носат навидум добри решенија за нив, како Законот за минималната плата, кој во праксата многу се изигрува. Кај нас многу поголем проблем е праксата отколку регулативата, односно нефункционирањето на институциите“, нагласува Лутовски, додавајќи дека и прашањето за  К-15 за работниците е предмет на изигрување, и тоа на разни начини како враќање на парите на работниците на рака и намалување платата во износот на К-15.

„Постојат сознанија дека се иницира укинување на К-15 во приватниот сектор, а и дека ССМ ќе коопрерира во тоа“, посочува Лутовски.

Најмалку почитување на работничките права има во текстилната индустрија

Активистот за социјална правда и постдипломец на Правниот факултет „Јустинијан Први“ вели дека во Македонија традиционално најмалку почитување на работничките права има во текстилната индустрија.

„Таму практично и не постои примена на регулативата за минимална плата, односно таа и не постои. Самата минимална плата која е регулирана на ниво на држава за трудовоинтензивните гранки, кожарска, текстилна, е секогаш пониска. Ако минималната плата на ниво на Македонија е 9 илјади и петстотини денари, таму е 7 илјади и сто денари. Значи, цело време се на удар. Кога има трудови инспекции, често се случува работодавачите да ги кријат оние работници што се непријавени, што работат на црно. Се случува често месечната исплата да биде и по 5 илјади денари, а да не зборувам и за мобингот. Таму 70% од работниците се жени што трпат мобинг,  сексуални понижувања и слично“, вели Лутовски.

Според него, денес многумина од работниците оправдано се незадоволни бидејќи чувствуваат предавство од страна на големите најрепрезентативни конфедерации, како ССМ и од КСС затоа што, како што истакнува, централата е отуѓена од работниците и нивните права.

Автентичните синдикати и левичарските движења – природни сојузници да променат нешто

„Но се менува климата дека никој не се грижи за работниците.  Постојат помали и поавтентични синдикати кои се дел од Повелбата за солидарност, заедно со ДСП Ленка и Солидарност. И овие синдикати се пример како треба да се бори за работничките права заедно со левичарските организации. Лоша е состојбата на синдикализмот, но има подобрување. Задачата на тие левичарски движења е да ја будат социјалната и класната свест. Заложбите на левичарските организации и на синдикатите се исти во однос на социјалниот интерес и интересот на работниците и тие имаат потенцијал како природни сојузници да променат нешто. А тоа се Синдикатот на УПОЗ, Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Синдикатот на културата на РМ, Синдикатот на македонската дипломатска служба, Движењето за социјална правда „Ленка“ и Левичарското движење „Солидарност“. “, нагласува Дејан Лутовски.

Квазиработни односи за хонорарците во интерес на работодавачите

Лутовски забележува дека во контекст на работничките права проблематично е прашањето и за сетот закони за хонорарците затоа што таквите определби создаваат квазиработни односи во кои не се почитуваат работничките права, а работодавачите ќе изнајдат начин како да го злоупотребат тоа и да го мотивираат тој квазиработен однос. Тој образложува дека при ангажирањето на хонорарците нема воопшто да се штитат нивните права, како на пример прописите за нивната заштита при работа, безбедност и здравје или правата за годишните одмори.

Од  100 илјади хонорарци само 900 ги имаат намирено своите обврски

„Од околу 100 илјади хонорарци само 900 ги имаат намирено своите обврски, а никој од нив  го нема своето здравствено осигурување. Изговорот е дека е системска грешка. Значи, тие плаќаат за нешто што не го добиваат“, потенцира Лутовски, додавајќи дека за хонорарците исто така е нелогична двојната оданоченост, што е противправна и нелогична.

Активистот Лутовски истакнува дека прашањето за хонорарците, за невработеноста и за социјалната обесправеност говори дека Македонија не е социјална држава.

Социјалната држава во Македонија е флоскула

„Социјална држава по дефиниција е онаа држава каде што најмалку луѓе земаат социјална помош. Каде што има доволна клима и атмосфера да живеат од својот труд. Кај нас социјална држава е флоскула, во социјална држава не се прават вакви законски измени, во социјална држава не треба  да има рамен данок, нема такви погодности за инвеститори или оф-шор зони, така што сите овие работи од регулативата и од праксата побиваат дека е социјална држава“, вели Лутовски, кој го додава дека во таа насока треба да се нагласи случајот со осудените невработени лица поради банални изјави во Фондот за здравство.

Ем невработени, ем „криминалци“

„За некоја банална изјава, кај се невработени, па уште и криминалци се“, вели Лутовски, објаснувајќи дека ЛЕНКА остро се спротивставува на ваквата неправда, предлагајќи притоа и закон за амнестија за овие лица.

Toj објаснува дека 2014-та година енормна бројка од илјадници невработени лица на ниво на држава – меѓу нив и доктори на науки, магистри, лица со завршено високо, вишо или средно образование, млади луѓе, студенти, занаетчии, земјоделци, трговци-поединци, хонорарци итн., по барање на Фондот за здравствено осигурување на РМ и Основното јавно обвинителство речиси во сите градови низ Републиката, со кривични пресуди билe прогласени за виновни и им беа отворени криминални досиеја во официјалната судска евиденција затоа што, наводно, го сториле кривичното дело „употреба на изјава со лажна содржина“ бидејќи пред ФЗОМ изјавиле дека немаат остварено приходи над 96.000 денари.

Да се напушти скара-менталитетот

Oд тие причини Лутивски истакнува дека правата се загрозени не само на работниците, туку и на невработените и на оние на кои им се „нудат“ квазиработни односи.  Тој ги повикува работниците и сите засегнати да излезат на масовни протести бидејќи така најдобро можат да ги заштитат своите интереси.

„Конечно работниците треба да го препознаат својот социјален интерес, треба да препознаат дека во Македонија постојат организации кои сепак се борат за работничките права и дека конечно поради сето ова што ни се случува во државата треба да го напуштат тој скара-менталитет и да излезат на протест за Први мај со напомена дека борбата трае секој ден“ апелира Лутовски, истакнувајќи дека само целосното почитување на работничките права кои водат и до системска промена може да се смета за ц реализирање на нивните цели и идеи.

Потребни се масовни протести – студентите го докажаа тоа

 Активистот и поборник за социјална правда потенцира дека излегувањето на протести е најдобар начин работниците да извршат притисок и да го одбранат својот социјален интерес и права. Како добар пример ги посочува студените.

„Потреби се масовни протести. Протести што добиваат солидаризација како студентските. Промените немаше да се случат доколку не излезеа студентите во таква масовност. Тоа што студентите беа решителни беше решавачко. Тие се најдобар пример како треба да се борат и работниците!“, истакнува Дејан Лутовски од ДСП ЛЕНКА.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

1 мај, 2015