/ Прочитано:

1.359

„ДЕТОНАТОР“: Апелација потврди дел од казните, а дел преиначи – повторно ќе се суди за измама

Четврток, 15 јануари 2015 – Апелациониот суд Скопје делумно ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 1 за случајот Детонатор, во кој на петнаесет лица им се судеше за злосторничко здружување, обид за убиство, измама, лихварство, недозволено држење на оружје, непријавување и за подготвување на кривично дело.  Пресудата е преиначена во делот за казните по повод жалбите на обвинетите Сашко Стојчев, Жан Железарски, Горан Божиновски, Далибор Алексовски и Симеон Михаилов.

„По повод жалбите на обвинетите,, кривичните санкции за овие обвинети се преиначени на начин што: обвинетиот Жан Железарски се осудува на единствена казна затвор во траење од 14 години, обвинетиот Горан Божиновски се осудува на единствена казна затвор во траење од 12 години , обвинетиот Симеон Михаилов се осудува на единствена казна затвор во траење од 13 години и 6 месеци“, соопштија од Основниот суд Скопје 1.

Со оваа одлука на Апелациониот суд всушност им се намалени казните на обвинетите за 6 месеци.

Од Кривичниот суд посочуваат дека по повод жалбата на обвинетиот Далибор Алексовски, пак, кој со првостепената пресуда беше осуден на пет и пол години затвор, Апелациониот суд Скопје ја преиначил одлуката, заради правилна примена на КЗ, и го осудил обвинетиот на казна затвор во траење од 3 години.

„Со ваквата одлука, жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција  и жалбите на обвинетите Игор Горански, Јорданчо Михаилов, Стојан Паликрушев, Тони Лесански, Милан Арсов, Ванчо Ќорпашев, Горан Кузмановски, Димитар Јованов, Ангел Андонов и Столе Трпевски изјавени против пресудата на овој суд, се одбиени како неосновани.

Апелациониот суд Скопје со одлуката КОК Ж 50/14 донел решение со кое пресудата на првостепениот суд единствено се укинува по однос на кривичното дело измама, од член 247 став 2 од КЗ, односно се уважени жалбите на обвинетите Сашко Стојчев, Жан Железарски и Горан Божиновски и пресудата се враќа на повторно постапување и одлучување само во овој дел“, се вели во соопштението.

Полициска акција за случајот „Детонатор“ се одвиваше  во неколку градови во источниот дел на Македонија и резултираше со 13 разрешени полициски началници и командири, со заплена на  1.000 апарати за покер и  со затвор за 15 лица. Заплената на апаратите за покер остана надвор од обвинението.  Според Обвинителството,   осудените освен што се занимавале со лихварство, во три наврати се обиделе да го убијат скопјанецот Драганчо Стоименов, подметнувајќи му бомба под возилото. Во однос на отштетата што ја побара брачниот пар Стоименови, судот  досуди  околу 9.000 евра за Стоименов за претрпен страв, а 9.000 денари за неговата сопруга во однос за штетата на нејзиното возило под кое експлодира бомба. Тие побараа отштета од 250.000 евра, но судот им ги отфрлил барањата.

Неодамна, пак, скопскиот Кривичен суд во друг предмет ги прогласи за виновни и им изрече по две години затвор на Јорданчо Михајлов и Жан Железарски за заканите што ѝ ги упатиле на судијката Весна Димишкова за време на објавата на пресудата во случајот „Детонатор“.

>>  ПРЕСУДА: Осудени во „Детонатор“ добија по две години затвор за закани до судијката Димишкова 

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk