/ Прочитано:

1.554

ДОПОЛНЕТ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ: Вградени амандмани што се однесуваат на адвокатите

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците достави дополнет Предлог на Законот за нотаријатот, кој е во фаза на второ читање во Собранието и во кој се вградени амандманите усвоени од ова матично работно тело.

advokat-pravosudstvo-e1418201421227.jpg

Во дополнетиот Предлог -закон за нотаријатот, во делот што се однесува на постапката за расправање на оставина, остануваат одредбите според кои при расправањето на оставината задолжително е присуството на адвокат во својство на полномошник за секој од учесниците.

Во членот 54, кој се однесува на составување нотарски акт, се брише ставот 2 кој предвидуваше дека при составувањето на нотарскиот акт, кога вредноста на предметот на службеното дејствие го надминува износот од 20 000 евра во денарска противвредност, според средниот курс на Народна банка на Република Македонија, задолжително е учество на адвокат во својство на полномошник, како и употреба на адвокатски печат и потпис  на нотарскиот акт.

Во делот на потврдувањето на приватни исправи (солемнизацијата), ставот 2 од членот 55 гласи дека приватната исправа задолжително треба да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис доколку се работи за правна работа со вредност над 10 000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Македонија, освен, како што се додава во дополнетиот текст на одредбата, доколку една од странките е Република Македонија. Во овој член се додава ставот 2, кој гласи:

 „Доколку се потврдува приватна исправа чија вредност е под 10.000 евра, каде една од странките е банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво, приватната исправа не мора да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис, а доколку  вредноста на правната работа е над 10.000 евра, едната страна е должна да обезбеди адвокатски печат и потпис.“

 Во делот за нотарски исправи за пренос на право на сопственост, во членот 56 став 3, договорот за продажба и преддоговорот за продажба со вредност на предметот на продажба над 10 000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Македонија, задолжително треба да ги состави адвокат и задолжително треба да содржат адвокатски печат и потпис, без оглед дали ќе се потврдат (солемнизираат) или ќе се заверат со потпис.

Во овој член се брише ставот 4, кој гласеше: „Доколку учесниците за правните работи од ставот (3) на овој член побараат издавање на нотарски акт, при составувањето на нотарскиот акт задолжително е присуство на адвокат во својство на полномошник за секој од учесниците, како и употреба на адвокатски печат и потпис на нотарскиот акт. Барањето за издавање на нотарски акт учесниците до нотарот го поднесуваат во писмена форма.“

Во делот на нотарскиот платен налог, во членот 68, ставовите 1 и 2 остануваат непроменети и во нив се регулира дека предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа се поднесува до нотарот на чие подрачје е живеалиштето, односно престојувалиштето на должникот физичко лице, односно седиштето на должникот правно лице. Предлог за издавање решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, приговорот против решението со кое е издаден нотарски платен налог или по однос на одлуката за трошоците, приговорот против решението на нотарот со кое се отфрла предлогот како неуреден, предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, приговорот против решението на нотарот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, приговорот против одлуката на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, жалбата против решението на судот, задолжително ги составува адвокат и содржат адвокатски печат и потпис, освен доколку доверител е Република Македонија.

Во овој член се додаваат два нови става, кои гласат:

 (3) По исклучок од ставот (2) од овој член, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител кој обезбедува комунални услуги, и тоа:

-за вода, смет и одржување на заеднички простории за парично побарување од веродостојна исправа до 2.000,00 денари,

-за електрична или топлинска енергија за парично побарување од веродостојна исправа до 6.000,00 денари,

-за телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори за парично побарување од веродостојна исправа до 2.000,00 денари, се поднесува непосредно до нотарот.

(4) По исклучок од ставот (2) на овој член, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител банка, штедилница, финансиско  друштво, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво, не мора да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис, доколку вредноста на побарувањето во веродостојната исправа е под 10.000 евра.

 Во делот на Нотарската тарифа,   членот  153 се дополнува и се менува со  нов став 6, кој гласи:

„Доколку во постапката пред нотар со овој закон е пропишано задолжително учество на адвокат, адвокатите без оглед на нивниот број во конкретно правно дејствие пред нотар имаат право на вкупна награда и трошоци во висина од 50% од наградата и трошоците за преземање на соодветното правно дејствие пропишани со Нотарската тарифа, додека нотарот кој го преземал соодветното правно дејствие има право на останатите 50% од наградата и трошоците“.

АДВОКАТИТЕ И НОТАРИТЕ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ: Јавна расправа за Законот за нотаријатот

ПРЕДЛОЖЕН Е ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ : „Присуство на адвокати при постапката за расправање на оставина, составување на нотарски и изготвување на приватни исправи“

M.В