/ Прочитано:

1.566

ДВЕ ПРАВОСИЛНИ ПРЕСУДИ СО КОИ СЕ УТВРДУВА ДИСКРИМИНАЦИЈА

Апелациониот суд Скопје на 23.09.2015 година донесе пресуда со која ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје донесена на 11.04.2014 година и ја одби жалбата на Република Македонија – Министерство за внатрешни работи. Со пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје се утврдува  повреда на правото на еднаквост со недозволување на тужителот да ја премине државната граница на Република Македонија. Исто така, велат од Македонското здружение на млади правници, Основниот суд Скопје II Скопје на 03.07.2015 година, донесе пресуда со која се утврдува дека тужениот (правно лице) по основ на виктимизација извршил дискриминација спрема тужителот, кој трпел последици заради преземени активности за заштита од дискриминација во однос на остварувањето на правата од работен однос,со тоа што работодавачот  односно тужениот не му исплаќал плата и не уплаќал придонеси. Со оваа пресуда првостепениот суд ја потврдил својата претходна пресуда. Двете постапки се поддржани од Македонското здружение на млади правници – првата ја водеше адвокатот Бојан Ѓуровски, а втората, исто така, адвокатот Бојан Ѓуровски заедно со адвокатката Јасна Аранѓеловиќ. 

Според судот, Министерството за внатрешни работи (МВР) како тужен со тоа што го спречило тужителот, лице припадник на ромската националност, да ја напушти територијата на Република Македонија, постапувајќи спротивно на Законот за гранична контрола и му го ограничило правото на слободно движење како и правото на еднаквост, права загарантирани со член 9 и член 27 од  Уставот на Република Македонија. Постапката е поддржана од МЗМП и истата ја  водеше адвокат Бојан Ѓуровски. За оваа пресуда, Основниот суд Скопје 2 Скопје утврди повреда на правото на еднаквост во праксата на граничните служби да го ограничуваат правото на определени категории на граѓани да ја напуштат територијата на Република Македонија под (не)оправдано сомнение дека се работи за лажни баратели на азил.

За првостепената пресуда:

Судот со пресудата утврди дискриминација и повреда на правото на еднаквост.  Според судот, Министерството за внатрешни работи (МВР) како тужен со тоа што го спречило тужителот, лице припадник на ромската националност да ја напушти територијата на Р.М постапувајќи спротивно на членот 8 од Законот за гранична контрола и му го ограничило правото на слободно движење како и правото на еднаквост, права загарантирани со член 9 и член 27 од  Уставот на Република Македонија.

Оваа пресуда е мошне важна за владеењето на правото во Р.М од две причини. Првата е тоа што ова е прва судска одлука која утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација, а втората причина е што во судската постапка се утврдува се поприсутната неправична пракса на граничните служби да се ограничува слободата на движење на цела група граѓани на Република Македонија поради неоправданата претпоставка дека ќе го злоупотребат визниот режим со тоа што ќе бараат азил во некоја од земјите членки на ЕУ.

Тужителот во Јуни 2013 година, патувајќи заедно со неговото семејство на свадба на близок роднина во Италија, на граничниот премин Табановце од страна на граничните служби бил спречен да ја напушти територијата на РМ, без никакво посебно образложение. Истиот во себе поседувал преведена и заверена потврда од општината каде е закажана свадбата и поседувал доволно парични средства за неколку дневен престој во земја од ЕУ (иако за излез од територијата на РМ не е потребно да се поседуваат никакви потврди и сл.). На тужителот, со печат во пасошот прецртан со две коси линии, му билo забрането да ја напушти територијата на Р.М. Според тужениот МВР на РМ, кај полицискиот службеник кој го сторил дејствието се јавило сомение дека тужителот и неговото семејство се лица кои се со намера да бараат азил во некоја од земјите членки на ЕУ. Согласно образложението на судот, службеното лице на МВР на РМ ако ја побарало на увид потврдата од општината каде се упатил тужителот, како и паричните средства кои ги поседувал истиот, и само ако внимателно слушал што му кажува тужителот, воопшто не би дошло до вакво нешто.  За службеното лице единствено било важно дека тужителот е припадник на ромската заедница и со самото тоа тој веќе влегува во групата на граѓани можни баратели на азил.

Имено, судот исто така утврди дека „не постои дилема дека државата има право заради постоење опасност да се наруши безвизниот режим, да превзема активности и мерки кои ќе доведат до тоа да се спречат граѓаните да ја поминуваат државната граница со цел да го злоупотребат безвизниот режим но тоа мора да се прави  на начин на кој што нема да се повреди еднаквоста на граѓаните“.Во конкретиот случај граничните служби го сториле спротивното со тоа што исклучиво врз основа на националната припадност на тужителот заклучиле дека истиот ќе го злоупотреби визниот режим со што сториле сериозна повреда на правото на еднаквост и правото на слобода на движење.

Правната помош и застапувањето е обезбедено од Македонското здружение на млади правници МЗМП во рамките на своите активности за заштита на правата на граѓаните. Тужителот е застапуван од адвокат Бојан Ѓуровски, член на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници МЗМП.

Исто така, Основниот суд Скопје II  Скопје на 03.07.2015 година, донесе Пресуда со која се утврдува дека тужениот (правно лице) по основ на виктимизација извршил дискриминација спрема тужителот, кој трпел последици заради преземени активности за заштита од дискриминација во однос на остварувањето на правата од работен однос,со тоа што работодавачот  односно тужениот не му исплаќал плата и не уплаќал придонеси.

Со оваа Пресуда првостепениот суд ја потврдил својата претходна пресуда со која се утврдува сторената дискриминација донесена на 10.04.2014 година, која беше укината од страна на Апелациониот суд Скопје а предметот беше вратен на повторно постапување пред првостепениот суд. Постапката со поддршка на здружението ја водеше адвокат Бојан Ѓуровски и адвокат Јасна Аранѓеловиќ.

За претходната првостепена пресуда:

Судот со пресудата утврди дискриминација и повреда на правото на еднаквост и дискриминација по основ на виктимизација, во однос на остварување на правата од работен однос поради неисплаќање на плата и уплата на придонеси. Судот го задолжи работодавачот (тужениот) да му овозможи на тужителот да ги оствари правата од работен однос и во иднина да се воздржи од преземање на дејствија со кои се крши правото на тужителот на еднаков третман загарантирано со Законот за за спречување и заштита од дискриминација и Законот за работните односи.

Судот утврдил дека тужителот е вработен кај тужениот по одлука на правното лице од кое се финансира тужениот. Одлуката на правното лице од кое се финансира тужениот била донесена по поведување на судски спор од страна на тужителот поради претходна одлука за престанок на работниот однос која била поништена и тужителот бил вратен на работа и префрлен кај тужениот.

По враќање на работа тужениот како работодавач му ги повредил правата од работен однос на тужителот со тоа што на му исплаќал плата и не ги уплаќал придонесите. По поднесување на претставка до Комисијата за заштита од дискриминација од страна на тужителот, тој трпел штетни последици заради преземање на активности за заштита од дискриминација. Законскиот застапник на тужениот поради тоа не бара од правното лице кое го финансира да се префрлат средства за исплата на плати кај тужениот. На тој начин е извршена повреда на членот 4, 6 и 10 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Согласно членот 6 точка 4 од Законот, дискриминаторско однесување е секое активно или пасивно однесување на секое правно лице кое создава основи за депривилигирање на некое лице на неоправдан начин….. Согласно член 10 од истиот Закон дискриминација претставува и неповолното однесување кон едно лице, трепење на штетни последици заради тоа што презело активности за заштита од дискриминација. Согласно Законот за работните односи забраната за дискриминација се однесува и на работникот и директна дискриминација претставува ставање на едно лице во понеповолна положба од други лица во споредбени случаи. Согласно истиот закон дискриминацијата кај работодавачот е забранета во однос на условите за работење и сите права од работен однос вклучувајќи и еднаквост на плати. Оваа пресуда е особено важна поради фактот што со одлуката се утврдува дискриминација по основ на виктимизација од областа на работните односи а согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, при што за прв пат во Република Македонија се врши директна примена на законот во областа на работните односи.

Особено е значајно што дискриминацијата е утврдена по основ на нееднаков третман и виктимизација, односно ставање во неповолна положба на вработениот поради преземање на активности за заштита од дискриминација од негова страна. Многу често работниците не преземаат активности за да ги заштитат или остварат своите права токму поради фактот да не бидат виктимизирани односно да не се доведат во уште понеповолна положба.

Правната помош и застапувањето е обезбедено од Македонското здружение на млади правници МЗМП во рамките на своите активности за заштита на правата на граѓаните. Тужителот е застапуван од адвокат Јасна Аранѓеловиќ, член на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници МЗМП.

 

ДОНЕСЕНА Е ВТОРАТА ПРЕСУДА ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА – Прва од областа на работните односи во Македонија! ДОНЕСЕНА ПРВАТА ПРЕСУДА ВО РМ СО КОЈА СЕ УТВРДУВА ДИСКРИМИНАЦИЈА: Гранични служби исклучиво врз основа на националната припадност заклучиле злоупотреба на визниот режим М.В /  veljanoskim@akademik.mk 16.11.2015