/ Прочитано:

2.067

ЏОЛЕВ: „Од судиите ќе барам да работат во согласност со законите“

„Нема да дозволам политички притисок врз судиите, а од нив ќе барам да работат во согласност со законите“, истакна денеска претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, веднаш по давањето на свечената изјава со која се заколна дека функцијата ќе ја врши совесно, законски и во согласност со Уставот на Република Македонија.

Новиот претседател на Кривичниот суд нагласи дека позитивно е што Кривичниот суд конечно добил претседател и што се создаваат претпоставки за подобрување на состојбите во судот, но и за, како што нагласи првиот човек на Кривичниот суд, враќањето на угледот на судот.

Во врска со годишниот распоред на судиите, Џолев посочи дека првично ќе се направи анализа и ќе се разговара со судиите заеднички. Ќе има прегрупирање, подвлече Џолев,  но се надевам дека нема да има незадоволни судии.

Судијата Иван Џолев, денеска како нов избран претседател на Кривичниот совет, даде свечена заклетва пред Судскиот совет на Република Македонија. Судскиот совет на Република Македонија на седницата од 8 ноември го избра Иван Џолев за претседател на Основниот суд Скопје 1. На оваа седница беше констатирана оставката на в.д. претседателот на скопскиот Кривичен суд, Стојанче Рибарев, кој поднесе оставката поради здравствени причини.

Во Законот за судовите се определува дека претседател на суд се избира од редот на судиите на Република Македонија, под услови, во постапка и на начин како што се врши избор за судија во соодветниот суд. Претседателот на судот се избира за време од четири години, со можност повторно да биде избран на истата функција уште четири години. Претседателот на судот има статус и функција на прв судија на соодветниот суд. Претседателот на судот ги врши работите од делокругот на судската управа, ја организира работата, раководи и управува со судот.

Судијата Иван Џолев даде свечена заклетва како нов претседател на Кривичниот суд

Судијата Иван Џолев – нов претседател на Кривичниот суд

М.В