/Прочитано:

611

Германија со законски мерки ќе ги изедначува платите помеѓу мажите и жените, а и во Македонија се предлагаат идентични мерки

Сојузната влада на Германија усвои законски мерки со кои компаниите ќе бидат принудени да бидат транспарентни за исплаќањето на платите на мажите и жените, а со цел да се надмине постојниот родов јаз во платите.

akad 4

Платите мора да бидат фер

Според новите законски мерки, работниците во компаниите со над 200 вработени ќе имаат законско право да добијат информација  колку плата добиваат мажите, а колку плата добиваат жените, односно дали работниците и работничките кои вршат исти задачи земаат исти плати.

Исто така, во согласност со новите правила, фирмите со над 500 вработени ќе бидат обврзани редовно да известуваат за напорите за обезбедување еднаква плата за сите.

„Мора да го скршиме табуто дека никој не говори и никој не презема ништо за овој проблем.  Напротив, сега вработените ќе можат да тужат ако фирмите не докажат дека платите за сите вработени се фер“, истакнува министерката за женски и родови прашања, Мануела Швесиг.

И во Македонија се бара идентична мерка

Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, кој во Македонија континуирано е посветен на прашањето за намалувањето на родовиот јаз во платите, предлага реформи на македонското трудово законодавство во поглед на еднаквоста на платите.

Зголемување на минималната плата, онлајн калкулатор на плати и задолжително приложување извештаи за еднакви плати, се дел од мерките што ги предлага Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ за намалување на родовиот јаз во платите.

Работодавачите што плаќаат различни плати по родов основ, велат од Институтот, треба да се соочат со санкции и казни. Преку воведување задолжително приложување извештаи за еднакви плати,  образложуваат од Институтот за економски истражувања и политики, компаниите ќе бидат обврзани да приготват извештаи за приходот на своите вработени на секои две години. Извештаите мора да прикажат број на мажи и жени во соодветна професија, нивните плати, просекот и медијаната на платите приспособени за работни часови.

Потребни се санкции и казни

Целта е да се создаде транспарентност во приходите и да се преземаат мерки за да се намали родовиот јаз во платите. Дополнително, преку овие извештаи се гарантира промовирање на еднаквите можности меѓу жените и мажите на пазарот на трудот преку демотивирање на оние работодавачи кои плаќаат различни плати по родов основ за исти карактеристики или за работни места со иста вредност.

„Работодавачите што имаат фирми со 50 и повеќе вработени треба да се обврзани да ги приложуваат извештаите преку Националниот акциски план за родова еднаквост до Министерство за труд и социјална политика кое потоа ги приложува податоците до Секторот за инспекциски надзор од областа на работните односи од Државниот инспекторат за труд и кон синдикатите во Република Македонија. На овој начин се воведува јасна процесна и институционална поставеност за споровите во врска со еднаква плата. Работодавачите што не се придржуваат до Законот за спречување и заштита од дискриминација и до Законот за работните односи би се соочиле со санкции и казни ако се увиди дека има јасна родова нееднаквост“, истакнуваат од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“.

Благица Петрески, извршна директорка на „Фајнанс тинк“, вели дека податоците покажуваат дека речиси секаде во светот жените заработуваат помалку од мажите. Она што е уште позначајно е дека многу бавно се намалува овој јаз. Во Македонија, додава Петрески, жените просечно земаат 12,5 % пониска плата од мажите, а разликата се зголемува и до 28,4 % кај лицата без образование или само со основно образование.

ДИСКРИМИНАЦИЈА И РОДОВ ЈАЗ ВО ПЛАТИТЕ: Работодавачите што плаќаат различни плати по родов основ да се соочат со санкции и казни

„Жените просечно заработуваат пониска плата од мажите“, – БЛАГИЦА ПЕТРЕСКИ, извршна директорка на „Фајнанс тинк“

M.В