/ Прочитано:

3.608

Граѓаните немаат доверба во правниот систем и сметаат дека судскиот систем е поправеден за богатите – истражување на проектот „Пристап до правда во Македонија“

Повеќе од половината од граѓаните немаат доверба во правниот систем на Република Македонија, покажуваат податоците на проектот „Пристап до правда“, кој е финансиран од Европската Унија и координиран од Фондацијата Отворено општество. Целта на проектот „Пристап до правда во Македонија“ е да се подобри системот за бесплатна правна помош, а напорите на целокупниот тим е да се овозможи што е можно поголем број граѓани да добијат бесплатен правен совет и доколку граѓаните ги исполнуваат условите, да добијат и бесплатен адвокат.

На денешната прес-конференција во врска со истражувањата на проектот „Пристап до правда во Македонија“ беа презентирани досегашните достигнувања на проектот и во таа насока беа претставени и резултатите од истражувањето „Јавната перцепција и запознаеноста на граѓаните со Законот за бесплатна правна помош“.

За податоците од истражувањето говореше Нада Наумовска, координаторка на програма во ФООМ. Според податоците што ги презентираше Наумовска, 73,4% од македонските  граѓани сметаат дека судскиот систем е поправеден за богатите. 54,1% од граѓаните немаат доверба во правниот систем.  66,3% од граѓаните одговориле дека знаат каде да побараат правна помош. Од нив најголем дел би се обратиле кај адвокат.

70,9% од граѓаните не се запознаени дали во Македонија постои можност за остварување на право на бесплатна правна помош, додека, пак, 84,7% од граѓаните не слушнале за денови на бесплатен правен совет. 92,5% од граѓаните не ги познаваат овластените здруженија за бесплатна правна помош, а најпрепознатливи се Хелсиншкиот комитет и Македонското здружение на млади правници.

Половината од испитаниците сметаат дека корисниците на социјална помош имаат право на бесплатна правна помош, а 86,3% од граѓаните не знаат какви услуги се опфатени со бесплатната правна помош.

Поразителни се податоците од искуствата на граѓаните со бесплатната правна помош, беше подвлечено на денешниот настан. Имено, според податоците, само 2,3% од граѓаните побарале бесплатна правна помош, еднакво како во овластените здруженија, така и во подрачните одделенија на Министерството за правда.

Исто така, според податоците, 24,8% од граѓаните биле лишени од пристап до правда поради својата материјална состојба, додека, пак, 17,8% од граѓаните нема да побараат бесплатна правна помош дури и да имаат потреба во иднина. Од нив, 59,8% од граѓаните како причина за небарањето на бесплатна правна помош ја наведуваат недовербата  во правниот систем.

Сите овие податоци, беше нагласено на денешниот настан, го отвораат прашањето за промена на системот на бесплатна правна помош. Промените, велат од проектот „Пристап до правда“, треба да се насочат кон  овозможување на неограничено и неусловено право на рекламирање на Законот за бесплатна правна помош и информирање на граѓаните за правото, условите и начините за добивање на бесплатна правна помош.

Потребна е и промена во рестриктивните услови кои се однесуваат на материјалната состојба на лицата баратели на бесплатна правна помош, како и проширување на законската регулатива на правни прашања за кои може да се добие бесплатна правна помош.

Во таа насока, велат од проектот „Пристап до правда во Македонија“,  неопходно е и зајакнување на капацитетите на Министерството за правда и подрачните единици, како и на овластените здруженија за постапување по барањата на граѓаните.

Христина Василевска, координаторка на проектот „Пристап до правда во Македонија“, вели дека постои неусогласеност на Законот за бесплатна правна помош и другите закони со кои е во директна врска, како што се Законот за парничната постапка, Законот за нотаријатот, Законот за кривичната постапка. Постои неусогласеност и со Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права за човекот, во кој се вели дека „сите луѓе треба да бидат еднакви пред судовите и трибуналите“.

Василевска посочува дека се потребни и набљудување и оценка на спроведувањето на Законот и квалитетот на дадената правна помош, поширок опфат на правни прашања за кои може  да биде одобрена правна помош во олеснување на условите кои треба да ги исполнат барателите на бесплатна правна помош.

Исто така, покрај трошоците за адвокат, Законот треба да ги предвиди и судските и административните такси, трошоците за изработка на наод и мислење од вешто лице, трошоците за превод и толкување, како и за обезбедување на докази. Потребно е и проширување на опфатот на претходната бесплатна правна помош  и финансирање на работата на здруженијата, децентрализација на донесувањето одлука по барањата за бесплатна правна помош и формирање независно тело за набљудување и оценка на имплементацијата на Законот за бесплатна правна помош и усогласување со ЕУ-регулативите и директивите за бесплатна правна помош.

ПРЕПОРАКИ ЗА НОВИОТ ЗАКОН ЗА БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ: Еднаков пристап до правда и усогласување со ЗПП, со ЗКП и со Законот за нотаријатот

М.В