/ Прочитано:

1.453

ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ: Издвојување Советот за јавни набавки како самостоен државен орган

Четврток, 10 септември 2015 – Да се издвои Советот за јавни набавки како самостоен државен орган под директна надлежност на Владата на Република Македонија предвидуваат најновите предлог-измени на Законот за јавните набавки што се наоѓаат во собраниска процедура. 

„Во изминатиот период беа донесени повеќе измени и дополнувања со кои се извршија низа на прилагодувања и подобрувања на законскиот текст, а се воведоа и одредени новини согласно политиките на Владата на Република Македонија.

Една од покрупните новини беше воведувањето на Советот за јавни набавки, како организациски дел од Бирото за јавни набавки. Таквата поставеност на Советот беше неопходна со цел на истиот да му се обезбеди соодветна логистичка и стручна поддршка на почетокот од неговото основање. Сепак, истата создаде одредени предизвици од организациски аспект кои се надминуваат со овие измени и дополнувања на законот“, се образложува во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки. 

Предложените измени и дополнувања на Законот за јавните набавки, како што посочува предлагачот – Владата на РМ,  првенствено се со неколку основни цели:

  • да се издвои Советот за јавни набавки како самостоен државен орган под директна надлежност на Владата на Република Македонија;
  • да се воведе обука на стручните лица кои се запишани во Регистарот на стручни лица;
  • да се воведат одредени олеснувања во примената на законот за договорните органи од член 4 став 1 точка д) од истиот.

Предлогот за донесување Закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки се заснова на основните начела на Законот за јавните набавки, а особено, како што се посочува, на начелата на транспарентност и рационално трошење на јавните средства.

„Предложените решенија ќе резултираат со осамостојување на Советот за јавни набавки како самостоен државен орган. Тоа треба да го олесни логистички функционирањето на Советот, како и да го прилагоди неговото постоење во веќе воспоставениот начин на организирање на управата и институциите во Република Македонија“, се вели во Предлог-законот.

Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки ќе има фискални импликации врз Буџетот на Република Македонија во делот на основањето на Советот за јавни набавки како самостоен државен орган.

„Притоа, а имајќи предвид дека трошоците за плати за функционирање на Советот веќе се остваруваат во рамки на буџетот на Бирото за јавни набавки, не се очекува значително нето зголемување на истите, бидејќи Советот ќе ги преземе административните службеници кои сега се вработени во Бирото, како и средствата потребни за исплата на плати на претседателот и членовите на Советот. Средствата потребни за набавка на стоки и услуги ќе се обезбедат од сопствени приходи на Советот кои ќе се остварат преку барањата за добивање согласност“, се истакнува во законското решение. 

>> ПРЕДЛОГ – ЗАКОН за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки 

>> АКАДЕМИК ОБУКА: „Најдобрите и најлошите практики, искуства и примери во врска со добивањето на согласности од Советот за јавни набавки“

E. П.