/ Прочитано:

1.001

Јавна седница во Апелација за случајот „Шпион“

Понеделник, 9 ноември 2015 – Случајот „Шпион“ денеска ќе биде разгледуван на јавна седница на Апелациониот суд Скопје по  жалбите на обвинетите на првостепената пресуда, според која сите обвинети беа осудени на затворски казни.

Со првостепената пресуда за првата македонска шпионска афера сите  деветнаесетмина обвинети  беа прогласени за виновни. Највисока затворска казна доби првообвинетиот Марјан Ефремов, кој според Обвинителството, како и првостепениот Суд бил „мозокот“ на групата која  шпионирала за странски разузнавачки служби, а истовремено се занимавала со уценување, измами и изнуди. Нему му беа изречени 15 години затвор за кривичните дела: шпионажа, злосторничко здружување, измама, уцена и прикривање. Останатите затворски казни се движат во распон од една до девет години, а изречена е и една условна казна.

Меѓу обвинетите провејуваат и имиња кои се добро познати во јавноста: ексгенералот на поранешната Единица за брза интервенција „Лавови” Горан Стојков, поранешниот шеф на кабинет на собранискиот спикер Трајко Велјаноски, Марјан Маџовски, поранешниот директор на Управата за спречување на пари и корупција, Ване Цветанов,  поранешниот висок функционер во Управата за контраразузнавање Александар Диневски, новинарот и сопственик на „Буревесник“, Зоран Божиновски…

Маџовски доби 1,5 година затвор за злосторничко здружување и уцена,  Стојков – 9 години за злосторничко здружување, изнуда и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, Цветанов – 3 години  за злосторничко здружување и злоупотреба на државна, службена или воена тајна, Диневски – 4,5 години за злосторничко здружување, одавање државна тајна и шпионажа.

Новинарот Зоран Божиновски беше уапсен во Србија, Нови Сад, но тамошниот суд ја усвои неговата  жалба и тој го напушти екстрадициониот притвор каде помина 11 месеци со обврска на секои 15 дена да се јавува во тамошната полициска станица. Како гаранција дека нема да ја напушти земјата, му е одземена и патната исправа. Екстрадиционата постапка за него и понатаму продолжува, како и постапката за политички азил.

Во образложението на пресудата се наведува дека се докажало дека обвинетите за одредена сума пари одавале државни тајни на странски служби.