/Прочитано:

1.372

Коментар на предложените измени на Законот за нотаријатот од адвокатот Љупчо Кузмановски 

Имајќи ја предвид целината на предложениот Закон за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот, како и коментарите и забелешките на тој закон дадени на официјалната страница на Министерството за правда (ЕНЕР), се добива впечаток дека главната насока на предлозите е како да се опструира адвокатурата како јавна служба во вршење на единствената своја надлежност -обезбедувањето правна помош. Оттука, сметам дека предложениот закон има концепциски погрешен приод и погрешна ориентација со можни сериозни импликации врз правната држава, особено што во него се содржани проблематични (противуставни) решенија со кои се фаворизира на неуставен начин една фела (нотаријатот) на сметка на друга фела (адвокатурата), а сето тоа под плаштот на интересите на граѓаните и правните лица учесници во правниот промет. Оттука, алтернативите на Законот дадени од Нотарската комора на Република Македонија (НКРМ) и Стопанската комора на Република Македонија (СКРМ) содржат такви правни небулози и во практика неспроведливи решенија, што кај законодавецот треба да отвори размислување за мотивите поради кои тие се дадени. Имено, треба да се размисли дали се работи за неукост, желба за сопствена доминација и „покажување мускули“ во однос на адвокатурата или за обид за целосна деградација на адвокатурата како јавна служба која токму во делот каде што е најповикана да даде и обезбеди правна помош во постапките пред правосудните органи, се прогласува за вишок, непотребен и неподобен елемент. Таков впечаток недвојбено се добива доколку се анализираат предлозите на НКРК и СКРМ.

За да може да се даде реално согледување на предложениот Закон за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот, треба да се појде од значењето на нотаријатот како поим и неговата улога во правосудниот систем на Република Македонија. Без тенденција за потценување на нотаријатот и нотарите (како што тие со своите алтернативи прават со адвокатурата), но изворното значење на зборот НОТАР значи ПИСАР. Ваквото значење на нотаријатот како поим во правосудниот систем на Република Македонија значи дека нотарите никако НЕ СМЕАТ да се изедначуваат со адвокатите, бидејќи како писари немаат овластување да дадат правна помош, а особено не за таа правна помош да наплаќаат награда. Во практика, многу нотари го прават токму спротивното, па така нотарите, користејќи ги и досега недореченостите во законот, вршеа дејствија кои не се во нивниот домен на работа, како давање правни совети, составување изјави, поднесоци, разни видови приватни исправи и други дејствија. Тоа значи дека во основа е прифатлива алтернативата дадена од Адвокатската комора на Република Македонија (АКРМ) на член 18 став 1 за додавање нова алинеја ж и на член 35 во став 2 да се додаде во продолжение текст со кој на нотарите фактички им се забранува да вршат вакви дејствија.

Во оваа насока, oсобено е интересно решението во делот на нотарскиот акт, поточно делот на составот и задолжителноста на нотарскиот акт. Во овој дел сметам дека нотарите во најголем дел се обидуваат да направат незаконит и противуставен упад во правниот систем на Република Македонија, со тоа што освен во стриктно утврдените ситуации во законот, си даваат дискреција, поточно обврска (нотарот е должен) да составуваат нотарски акт доколку тоа го побараат странките учесници во постапката. Имајќи предвид дека во секојдневјето пред нотарите се обраќаат странки на кои им е потребно нивната приватна исправа да добие форма на јавна исправа преку солемнизација, можноста што ја предлагаат нотарите учесници во постапката да побараат нотарот да ја состави нивната приватна исправа во форма на нотарски акт е во директна спротивност со нивната изворна надлежност бидејќи составување на приватна исправа влегува во доменот на давање правна помош, што не е работа на нотарите. Затоа сметам дека наместо да се брише предложениот нов став 5 во членот 52 и членот 54 од Законот, треба да стои забранувачка норма  „На нотарот му се забранува да составува нотарски акт во кој било друг случај освен во случај утврден со овој закон, дури и ако тоа од него го побараат учесниците во постапката“. Внесување на ваква одредба во Законот значи дека по автоматизам треба да се одбие алтернативата на НКРМ за член 55 во кој предложениот став 4 од НКРМ треба да се брише, бидејќи таа на нотарот му дава дополнителна надлежност да врши оценка на приватните исправи од аспект на стручноста при нивното составување, што е недопустливо, па дури и навредливо за странките (учесниците во постапката) и нивните полномошници. Истовремено, во член 52 став 1 точка в треба да претрпи измени и да гласи „Правни акти кои со друг Закон изречно е предвидено дека мора да бидат составени во форма на нотарски акт“.

Делот на Законот кој содржи одредби за нотарскиот платен налог (НПН) потребно е да добие јасна профилација, без можност за премногу екстензивно толкување и примена, истовремено водејќи сметка за уставните рамки. Имено, потребно е од предлогот да се исфрли терминот НЕПОСРЕДНО кој се однесува на поднесување предлози за издавање на нотарски платен налог со вредност до 10.000,00 денари, бидејќи тоа ќе предизвика огромни тешкотии од административна природа кај доверителите кои имаат побарувања со износи помали и поголеми од 10.000,00 денари. Во таков случај, ќе треба да ги делат предметите што значително ги отежнува евиденцијата, следењето, наплатата, раскнижувањето и архивирањето на ваквите предмети кои неретко се однесуваат на ист должник. Сето ова ги зголемува трошоците, кои во крајна линија ќе ги плати должникот (граѓанинот). Затоа, начинот на кој ќе се поднесуваат предлозите треба да се остави на диспозиција на подносителот и не треба да се регулира со закон, поради што во член 68 ставовите 3 и 4 треба да се бришат. Згора на тоа, ограничувањето содржано во наведените ставови од член 68 е неуставно поради што Уставниот суд за идентични одредби од Законот за извршување има поведено постапка за оценка на уставноста и законитоста.

Во делот на нотарскиот платен налог, прешироко е дефинирана веродостојната исправа (член 70 став 2), со што е оставена преголема диспозиција на подносителите и нотарите да предлагаат и носат нотарски платен налог на штета на должниците (граѓаните) бидејќи ваквата диспозиција создава дополнителни проблеми за утврдување на фактичката состојба по приговор пред судовите, каде што должниците се изложени на непотребни дополнителни трошоци (вештачења). Тенденцијата за повластена позиција на нотарите е особено видлива во членот 75 став 4 каде што се предлага заштита само на нотарските трошоци по донесување на нотарскиот платен налог, но не и на другите учесници во постапката, каде што, на пример, должникот може да има дополнителни основани трошоци, на пример, за укинување на клаузула за правосилност и извршност, па во тој случај иако бил во право, нотарот не носи решение за неговите трошоци, туку само за своите. Ако нотарот води постапка за издавање на нотарски платен налог, мора да одлучува еднакво за сите странки, не само за себе и за своите трошоци, а за сè друго странките да ги упатува во суд и да ги изложува на дополнително зголемени трошоци.

Лично како адвокат и како дел од правосудниот систем на Република Македонија, имам голема резерва во концепцискиот приод на законот во делот на давање надлежност на нотарите за водење на постапки за издавање на нотарски платен налог и вонпарнични постапки за расправање на оставина, бидејќи, од една страна, како што нагласив во уводот на овој текст, тоа воопшто не може да се дефинира како стварна надлежност на нотарите и тие да се изедначуваат со судии во овој дел (како и со адвокати во делот на давање правна помош), бидејќи тоа е во директна спротивност со поимот нотаријат според своето генеричко значење, но и како категорија во правосудниот систем. Затоа, во процесот на реформите на правосудниот систем му предлагам на законодавецот да размисли за враќање на овие постапки во судовите, бидејќи не само што тие се надлежни за нивно водење, туку и оваа можност е многу поприфатлива за сите категории учесници во постапките, со оглед дека учеството во постапките е регулирано со ЗПП како системски закон со јасни правила на постапување без дополнителни примеси од други закони (Закон за нотаријатот), но што е многу позначајно, за граѓаните значи големо намалување на трошоците бидејќи за водење на овие постапки пред судовите се плаќа само судска такса, додека кај нотарите покрај судска такса се плаќа и нотарска награда, материјален трошок и трошок за клаузула за правосилност и извршност што се три ставки со трошоци кои дополнително ги товарат странките.

адвокат Љупчо Кузмановски