/ Прочитано:

5.448

„Менаџерите заслужуваат поголемо внимание во ова општество и потребно е нивно обединување“ – Маја Ристова, адвокатка и претседателка на Асоцијацијата на менаџери на Македонија

Во секоја работна организација, па и во адвокатска канцеларија, потребно е работните обврски да бидат испланирани, организирани и координирани со цел остварување на поставените цели во определен рок. За таа цел адвокатот не само што е потребно да поседува одредено знаење, туку мора да поседува и одредени менаџерски способности со цел навремено и целосно одговарање на барањата на своите клиенти, вели адвокатката Маја Ристова, која од неодамна беше избрана за претседателка на Асоцијацијата на менаџери на Македонија.

Адвокатке Ристова, која е целта на формирањето на Асоцијацијата на менаџери на Македонија?

Асоцијацијата на менаџери на Македонија има за цел да ги спои сите менаџери на едно место, каде што ќе се запознаат, ќе разменуваат идеи и искуства, ќе се едуцираат, ќе соработуваат и директно ќе учествуваат во унапредувањето на менаџерските капацитети во земјата.

Која е мисијата на Асоцијацијата?

Мисијата на Асоцијацијата е да стави посебен акцент за создавање обединета, координирана и организирана деловна мрежа на менаџери  преку промоција и развој на лидерски и менаџерски вештини и знаења, како и на континуирано вложување во човечки ресурси кои претставуваат основна претпоставка за натамошна општествена и економска преродба на регионот.

Кои се придобивките од членувањето во Асоцијацијата на менаџери?

Придобивките од членување во Асоцијацијата се големи и значајни, а како примери би издвоила неколку. Преку АММ нашето членство деловно ќе се вмрежи со останатите членови, како и со членовите на европските асоцијации на менаџери и претприемачи. Освен тоа, отворена е и можноста членовите бесплатно да учествуваат на обуки, конференции, работилници и на други едукативни настани ориентирани кон професионален раст и развој. Една од поголемите придобивки е и можноста за присуство на годишниот конгрес на европски менаџери, каде што секој член може да размени контакт, искуство и идеи со менаџери од Европа со цел понатамошен развој во сферата во која работи.

Асоцијацијата исто така ги претставува и ги застапува правата и интересите на своето членство, како и лобира и институционално ги презентира бизнис-потребите на своите членови. АММ отвора можност и за промоција на компанијата со којашто управува нашиот член.

Што ве мотивираше да бидете дел од оваа асоцијација, а од неодамна и да раководите со неа од позицијата претседател?

Сметам дека менаџерите заслужуваат поголемо внимание во ова општество. Менаџерите се оние што придонесуваат за поповолна економска клима, па поради тоа потребно е да уживаат и поголеми права. Најголемата мотивација потекнува од тоа да ги обединам сите менаџери на едно место, и покрај другите активности, заеднички и активно да учествуваме во процесите на донесување законски и подзаконски акти кои се однесуваат на положбата и интересите на менаџерите.

Кои се идните планови на Асоцијацијата и на што ќе се фокусирате во вашето дејствување?

На 1.3.2017 година организираме промотивен настан во хотелот „Мериот“, на кој ќе бидат присутни најмалку 100 менаџери. Целта на овој настан е доближување на активностите на АММ и програмата за 2017 година. На настанот ќе имаме неколкумина веќе докажани менаџери, кои ќе се обратат пред присутните презентирајќи ги своите успешни приказни. По овој настан, а во текот на годината, ќе бидат реализирани и неколку настани „Бизнис кафе со…”, работни појадоци, обуки и други средби. Во месец јуни, пак, се одржува II Конгрес на европски менаџери, во Опатија, Хрватска, така што ќе бидеме присутни и таму.

Во современ контекст, на глобално ниво многу се говори за менаџерските аспекти на адвокатурата. Каков е спојот на адвокатурата и менаџирањето, особено од аспект на управувањето со дејноста, релациите со клиентите и остварувањето на нивните права?

Во секоја работна организација, па и во адвокатска канцеларија, потребно е работните обврски да бидат испланирани, организирани и координирани со цел остварување на поставените цели во определен рок. За таа цел адвокатот не само што е потребно да поседува одредено знаење, туку мора да поседува и одредени менаџерски способности со цел навремено и целосно одговарање на барањата на своите клиенти. Затоа, сметам дека адвокатот има двојна улога и дека во недостиг на едната од нив не би опстанал на долг рок.

Адвокатката Маја Ристова избрана за претседател на Асоцијацијата на менаџери на Македонија

М.В