/ Прочитано:

2.102

Младите правници во Академијата за судии и јавни обвинители

Директорката на Академијата, Анета Арнаудовска, оствари средба со новоизбраниот претседател Зоран Дранговски и претставници од Македонското здружение на млади правници, во насока на интензивирање на соработката помеѓу Академијата и релевантните здруженија и невладини организации, со цел зајакнување на ефикасноста на правосудниот систем во Република Македонија.

На работниот состанок, директорката на Академијата ја презентираше досегашната десетгодишна работа на полето на правдата во земјата, како и активностите што во континуитет се преземаат, со цел подобрување на програмите за почетна обука во Академијата, а воедно и програмите наменети за континуирана едукација на судиите и јавните обвинители.

На состанокот беа разгледани можностите за заедничка соработка во делот на спроведување настани на кои ќе адресираат значајни теми од областа на правото, како и промоција на работата на Академијата и на Здружението, со фокус на учество на претставниците на Македонското здружение на млади правници во симулации на случаи кои ги спроведува Академијата, во рамки на почетната обука, особено симулации во однос на примената на Европската  конвенција за човекови права.

Размената на експерти и материјали, беше истакнато на настанот, е клучна за успешна реализација на заедничките активности, за кои постои можност да се реализираат. Во насока на поактивна промоција на Академијата и Здружението, на состанокот беше разгледана и можноста за заеднички настап на „Деновите на кариера“, кои се одржуваат секоја година. На состанокот новиот претседател на Здружението, Зоран Дранговски, на Академијата ѝ подари 6 публикации, чии содржини обработуваат и анализираат значајни теми од областа на правото.

„Правничкиот ентузијазам за владеењето на правото ги обединува младите правници“– интервју со Зоран Дранговски, нов претседател на МЗМП

М.В