/ Прочитано:

1.334

ОБРАЗОВАНИЕТО НА УСТАВНИТЕ СУДИИ И УЛОГАТА НА УСТАВНИОТ СУД: Само дипломата од правен факултет е премалку да се биде компетентен судија

Образованието на судиите е многу важно кога станува збор за толкувањето на прописите кои се однесуваат на човековите права и слободи, на меѓународното право и поконкретно на европското право, се вели во истражувањето „Трансформативната улога на Уставниот суд на Македонија“ на Центарот за истражување и креирање политики.

slika

Како што се посочува во истражувањето, според Мирјана Лазарова-Трајковска, поранешен уставен судија и сегашен судија во Европскиот суд за човековите права, судиите треба да имаат интелектуална независност. Интелектуалната независност, вели Лазарова-Трајковска, значи добро познавање на Уставот од страна на судиите и нивна посветеност на заштитата на Уставот. Во ова насока, се вели во истражувањето, репутацијата на судиите исто така е важна и се анализира во однос на јавната доверба во независноста на судиите. Образованието е фактор кој особено влијае врз улогата на Уставниот суд во македонското општество.

„Во моментов, судиите Наташа Габер-Дамјановска и Гзиме Старова имаат докторат по право, додека пак останатите седум судии се правници, дури и без магистратура. Ова е резултат на фактот што образованието како критериум за избор на судиите воопшто не постои, покрај општото упатување дека тие треба да се правници. На овој начин, единствениот критериум кој е поврзан со образованието, којшто мора да го исполнат потенцијалните кандидати, е дека тие мора да имаат завршено правен факултет, иако во членот 109, точка 4 од Уставот се вели дека судиите се избираат од групата на истакнати правници“, се посочува во истражувањето. Според познатиот македонски правник Стамен Филипов во истражувањето се вели дека уставните судии не се доволно опремени со потребната правна експертиза.

Образованието на судиите, се истакнува  во истражувањето, е многу важно кога станува збор за толкувањето на прописите кои се однесуваат на човековите права и слободи, на меѓународното право, поконкретно на европското право. Ова е особено релевантно бидејќи од неодамна се додадени човековите права, меѓународното право и европското право во наставните програми на институциите за високо образование кои функционираат низ земјава. Само три од нив се акредитирани да организираат докторски студии по право, од кои две се јавни институции, а една е приватна.

„Само осум од овие универзитети нудат специјализирани студии по меѓународно право и само три нудат посебен модел за правото на Европската Унија, иако некои нудат магистерски програми по европски студии. Многу е важно да се забележи дека лицата коишто ги извршуваат овие програми се прилично млади и обично не се истакнати правници, поради што имаат малку шанси да бидат избрани за судии на Уставниот суд. Оттаму, судиите во Уставниот суд од независноста на РМ немаат доволно образование по човековите права, меѓународното право и првото на ЕУ. Покрај ова, критериумите за избор на судии во Судот не бараат да поминат обука која ја организира Академијата за судии и јавни обвинители, која опфаќа и програми од меѓународното право, правото на ЕУ, а со посебен фокус на Европската конвенција за заштита на човековите права. Ова покажува дека многу правници во Македонија имаат ограничена способност да ја применуваат судската пракса на ЕСЧП и на другите меѓународни судови“, се вели во истражувањето, каде што се додава дека познавачите на состојбите во уставното судство често ги критикуваат компетенциите на уставните судии.

„Но овие критики доаѓаат и од политичарите. Дури и Никола Груевски, во еден момент кога бил незадоволен од  одлука на Судот, изјавил дека некои од членовите на Судот го немаат потребното образование. На оваа изјава силно се спротивставил тогашниот претседател на Судот, судијата Трендафил Ивановски кој изјавил дека Судот не е под влијание, предложувајќи следниот пат кога политичар ќе започне дискусија за компетентноста на судиите, тоа треба да е поддржано со факти и да не се заснова на шпекулации“, се истакнува во истражувањето за трансформативната улога на Уставниот суд на Македонија.

НА УСТАВНИОТ СУД МУ Е ПОТРЕБНА ЕВОЛУЦИЈА: „Судот има ригидно толкување на законите во поглед на човековите права“

M.В