/ Прочитано:

1.517

Обвинителот Јован Илиевски избран за претседател на Комисијата за воедначување на казнената политика

Среда, 30 септември 2015 – Членовите на Комисијата за воедначување на казнената политика го избраа обвинителот Јован Илиевски за претседател на Комисијата, велат за Академик членови на новоформираната Комисија.

Во подготовка и статутот на Комисијата

Собранието на Република Македонија, во согласност со Законот за одредувањето на видот и одмерувањето на висината казната, избра еден адвокат, двајца судии, двајца обвинители и двајца професори за членови на Комисијата. Како што е определено во Законот, Комисијата од редот на избраните членови, избира претседател со мандат од две години, со право на повторен избор.

Од Комисијата велат дека членовите на Комисијата за претседател го избрале обвинителот Јован Илиевски, кој како член на Комисијата беше предложен од страна на Јавното обвинителство и додаваат дека во тек се подготовките на Статутот на Комисијата.

Д-р Јован Илиевски е основен јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во својата биографија, обвинителот Јован Илиевски наведува дека во 2013 година докторирал на УКИМ на тема „Историја на македонското јавно обвинителство – позиција, улога и перспективи“ и дека 18 години работи во Основното јавно обвинителство.

Членови на Комисијата за воедначување на казнената политика

Комисијата за воедначување на казнената политика има седиште во Министерството за правда е составена од седум члена кои ги избира Собранието на Република Македонија со мандат од четири години, со право на повторен избор. Два члена се избираат по предлог на Јавниот обвинител на Република Македонија, од редот на јавните обвинители со најмалку 10 години работно искуство во кривичната материја.

Членови на Комисијата се д-р Неџат Елези, jавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија и д-р Јован Илиевски, основен јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Гордана Сајковска, судија на Апелациониот суд Скопје и Татјана Дуковска, судија на Апелациониот суд Скопје, адвокатот Љубчо Наумовски, универзитетската професорка Арта Билали и универзитетскиот професор Ѓорѓи Сламков.

Комисијата има седиште во Министерството за правда

Со Законот за одредувањето на видот и одмерувањето на висината казната се основа Комисија за воедначување на казнената политика. Комисијата има седиште во Министерството за правда и во односите со другите органи и лица настапува со свое лого, кое го утврдува Комисијата. Административните работи на Комисијата ги врши Министерството за правда.

Средства за остварување на програмата, како и за работата на Комисијата се обезбедуваат во рамките на финансиските средства од буџетот на Министерството за правда. Членовите на Комисијата имаат право на месечен надоместок за работењето во Комисијата во висина од една просечна месечна бруто плата исплатена во претходниот месец на ниво на Република Македонија.

Во Законот се пропишува дека комисијата е независно и советодавно тело кое се грижи за воедначување на казнената политика во изрекувањето на казните преку предлагање критериуми за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

Адвокат, судии, обвинители и професори ќе ја воедначуваат казнената политика М.В / veljanoskim@akademik.mk