/ Прочитано:

1.654

ОДЛУКА НА УСТАВНИОТ СУД: Не е уставно граѓаните да плаќаат надоместок за постапка, покрај плаќањето на такса и глоба

Уставниот судот донесе одлука за укинување на член 8, став 1 од Законот за основање Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

Во Иницијативата со која се оспори конкретниот член 8, став 1 се посочува дека формулацијата на оспорената законска одредба не е доволно прецизна и јасна и не им обезбедува правна сигурност на граѓаните. Имено, во овој член се предвидуваше дека „кога странката поднесува жалба плаќа и надомест за водење постапка во зависност од висината на изречената глоба“.

Поконкретно, укинувањето е во делот „кога странката поднесува жалба плаќа и надомест за водење постапка во зависност од висината на изречената глоба. Ако глобата е до 1.000 евра жалителот треба да плати надомест од 20 евра, ако глобата е од 1.000 до 5.000 евра треба да плати надомест од 50 евра, ако глобата е од 5.000 до 20.000 евра надоместокот што треба странката да го плати по жалба е 100 евра, ако глобата е од 20.000 до 100.000 евра надоместокот за водење постапка е 200 евра, ако глобата е од 100.000 до 200.000 евра надоместокот кој треба да го прати жалителот е 300 евра, а кога глобата е над 200.000 надоместокот кој жалителот треба да го плати за водење постапка изнесува 400 евра во денарска противвредност“.

Законодавецот „заборавил“ дека Република Македонија е социјална држава

„Нема уставен основ ако се имало предвид дека граѓаните покрај глобата и административната такса, врз основа на оспорениот дел, требале да платат и надоместок за водење на постапката, но во зависност од изречената глоба. Законодавецот „заборавил“ дека Република Македонија е социјална држава“, се наведува во Иницијативата за оспорување на членот.

Од анализата на сите цитирани законски одредби, Судот утврдил дека трошоците на постапката не се издатоци кои се однапред мерливи и кои можат да бидат определени во зависност од висината на изречената глоба, туку тоа се издатоци на постапката кои се пресметуваат во зависност од секое конкретно преземено дејствие, за секој индивидуален случај и се засметуваат откако ќе заврши постапката, заедно со одлуката за главната работа или посебно, но по спроведување на сите потребни дејствија за секој индивидуален случај.

Ваквото уредување нема уставен и законски основ

„Административните такси се, пак, со закон однапред определени вредности, чија висина зависи од тоа какво дејствие бара странката од управниот орган или какво дејствие ќе треба да преземе органот по повод барањето на странката. Ако се има предвид дека Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка е еден ист државен орган кој презема исти или слични дејствија, како во постапката за прекршоци, така и во постапката за инспекциски надзор, останува нејасно од кои причини законодавецот само по однос на прекршочната постапка предвидува плаќање на трошоци на постапката и тоа врз основа на изречената глоба.Оттаму, според Судот, ваквото уредување нема уставен и законски основ, од каде оспорениот дел може да се стави под сомнение по однос на неговата согласност со начелото на владеењето на правото утврдено во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот“, сметаат од Уставниот суд.

Иницијативата за оценување на уставноста на членот 4 став 2 алинеја 2 и дел од членот 8 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка беше поднесена од познатиот македонски правник, Стамен Филипов.

М.В / veljanoskim@akademik.mk