/ Прочитано:

1.529

ОХРИДСКА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА РЕГИОНАЛНА МРЕЖА ЗА НЕЗАВИСНО СУДСТВО

Во Декларацијата се нагласува дека документот претставува основа и можност за градење на платформа за заедничко дејствување на членките пред сите меѓународни, регионални и национални тела и институции.

akademik foto 1

Унапредување на стандардите за независно судство

На иницијатива на Здружението на судиите на Република Македонија, претставниците на здруженијата на судии, учесници на Првата меѓународна судска конференција на тема „Независно судство“ ја усвоија Охридската декларација за воспоставување на регионална мрежа за независно судство со цел унапредување на стандардите за независно судство во согласност со Мислењето бр. 3 на Консултативниот совет на Европските судии.

Во Декларацијата судиите нагласуваат дека документот претставува основа и можност за градење на платформа за заедничко дејствување на членките пред сите меѓународни, регионални и национални тела и институции:

„Тргнувајќи од заедничката определба и регионалната заложба за градење и развој на независно, непристрасно, ефикасно и ефективно судство засновано на Бенгалорските принципи од 2001 година и Брионската изјава од 2015 година, претставниците на европските здруженија на судии, учесници на Меѓународната судска конференција во Охрид, 28-29 октомври 2016 година, ја усвоија

 ОХРИДСКАТА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА РЕГИОНАЛНА МРЕЖА ЗА НЕЗАВИСНО СУДСТВО

 Претставниците на здруженијата на судии на земјите учеснички изразија волја за регионално вмрежување кое ќе има за цел да работи на унапредување на стандардите за независно судство согласно Мислењето бр. 3 на Консултативниот совет на Европските судии. Како членка на регионалната мрежа може да пристапи секое здружение на судии кое се стреми да ги почитува Бенгалорските принципи од 2001 година и Брионската изјава од 2015 година.

 Со оваа декларација се создава можност за градење на платформа за заедничко дејствување на членките пред сите меѓународни, регионални и национални тела и институции, која ќе почне да се реализира со потпишување на меморандум за соработка.

 Охрид, 29.10.2016 година.“

slika

 Интегритетот на судијата е атрибут на чесност и праведност

Во Мислењето бр. 3 на Консултативниот совет на Европските судии, за кое посебно стана збор на презентација на Кодексот за судиска етика на судиите во Република Македонија и на кое се повикува Декларацијата, се истакнува дека секој индивидуален судија треба да направи сè за да ја сочува судската независност на институционално и на индивидуално ниво.

Судиите треба да се однесуваат со интегритет, и на работа и во својот приватен живот, и секогаш треба да усвојуваат пристап што е непристрасен и да дејствуваат на тој начин.

Судиите треба да ги извршуваат своите должности без фаворизирање и без фактичка или привидна предрасуда или пристрасност, а своите одлуки треба да ги донесат земајќи ги предвид сите материјали релевантни за примена на релевантните законски прописи, и со неразгледување на сите нематеријални аспекти.

Судиите треба да покажуваат должно внимание кон сите лица кои учествуваат во судските постапки или кои се засегнати од овие постапки и тие треба да ги извршуваат своите должности со соодветна почит за еднаков третман на страните, со одбегнување на каква било пристрасност и каква било дискриминација, со одржување баланс помеѓу страните и треба да се погрижат секој да има коректно сослушување.

Судиите треба да покажат претпазливост во своите односи со медиумите, да ја одржуваат својата независност со воздржување од каква било лична експлоатација на какви било односи со медиумите и од давање какви било неоправдани коментари за случаите на кои работат и треба да одржуваат висок степен на професионална компетентност.

Судиите треба да имаат висок степен на професионална свест и да бидат предмет на обврска за совесност со цел да ја исполнат обврската за носење на своите пресуди во разумно време и треба да го посветат поголемиот дел од своето работно време на своите судски функции, вклучувајќи ги и поврзаните активности.

akademik foto 1

Судиите треба да се воздржат од каква било политичка активност која би можела да ја компромитира нивната независност и да му наштети на нивниот имиџ на непристрасност.

Консултативниот совет на европските судии (КСЕС) e основан од страна на Комитетот на министри на Советот на Европа како советодавно тело во врска со прашањата што се однесуваат на независноста, непристрасноста и компетентноста на судиите.

Судската независност е предуслов за владеење на правото и гаранција за правично судење

Бенгалорските начела на судско поведение се додадоа како анекс на извештајот презентиран на Педесет и деветтата седница на Комисијата за човекови права на Обединетите нации, која се одржа во април 2003 година. Во нив се истакнува дека судската независност е предуслов за владеење на правото и основна гаранција за правично судење, а непристрасноста е од суштинско значење за правилно функционирање на судиската функција. Интегритетот е од големо значење за исправното вршење на судиската функција, а од суштинско значење за извршување на сите активности на судијата е да постои коректност и таа коректност да биде видлива. Во Начелата се нагласува дека обезбедување еднаков третман за сите пред судовите е од суштинско значење за очекуваниот успех на судиската функција, додека пак стручноста и совесноста се предуслови за очекуваниот начин на извршување на судската функција.

Со заемна соработка во правосудството до правичен пристап на граѓаните до правдата – интервју со д-р Џемали Саити, претседател на Здружението на судии

ПРВА МЕЃУНАРОДНА СУДСКА КОНФЕРЕНЦИЈА „НЕЗАВИСНО СУДСТВО“ – интервју со д-р Лазар Нанев, судија и професор

M.В