/ Прочитано:

1.791

Општ консензус и промена на правната рамка – основа за реформа на студентското организирање

Во организација на Младинскиот образовен форум денеска на УКИМ се организираше јавна трибина на која се презентираа на наодите од анализата „Студентското организирање и учество во Република Македонија”.

Во изработената анализа се дискутираат учеството на студентите во универзитетските и факултетските тела, организациската поставеност и работата на студентските парламенти на сите државни универзитети во Република Македонија. Публикацијата ги дискутира и формите на организирање на матичните факултети на УКИМ и европските практики.

Она што може да се заклучи од целокупната анализа е дека на системот на студентското организирање потребна му е темелна реформа, пред се на нивото на регулација, структура и редефинирање на односот на преставничката форма vis a vis студените и образовните институции. Реформирањето треба да се случи отако ќе се случи општ консензус како насока кон промена на постоечката правна рамка.

Александра Живковиќ од Младинскиот образовен форум, претставувајќи го трудот „Студентското организирање и учество во Република Македонија”, истакна дека во него се елаборирани клучните прашања за студентското организирање, но  низ призмата на правното регулирање преку анализа на правните акти на петте државни универзитети.

Партизацијата на студентските организации, монополската позиција на студентските парламенти, отсуството на инклузивна унивeрзитетска правна рамка, беа дел од проблемите кои Живковиќ ги посочи во однос на студентското организирање и дејствување во рамки на универзитетите.

„Најважно е самите универзитети да земат проактивна улога и не треба да се толерираат нелегитимни и недемократски избори, како и да се променат правните акти. Исто така, важно е самите студенти да бараат промена на актите и да не дозволуваат да има нелегитимни и недемократски на појави на нивните факултети“, вели Живковиќ.

За студентското организирање говореше и Ивана Туфегџиќ од Студентскиот пленум, која нагласи дека Студентскиот пленум го урнал митот дека студентите не можат јасно и гласно да го искажат својот став и дека студентските организации немаат свои „богови“.

„Ние влеговме во работната група за подготовката на Законот за високото образование, додека пак Студентскиот парламент не влезе. Пленумот го урна монополот кој со години го имаше Парламентот“, рече Туфегџиќ, додавајќи дека студентите мора да имаат проактивна улога во остварувањето на нивните права и интереси и дека од самите нив зависи исполнувањето на нивните барања.

„Барајте да учествувате во работата во Универзитетот, барајте средства и работите ќе почнат да се движат. Студентите трeба да се практични и да бараат конкретни работи, кои, чекор по чекор, со текот на времето, ќе добијат на квалитет“, им порача професорот Димитар Гелев на студентите.

Студентскиот активист Александар Стојановски, еден од првите поборници за плурализам во студенсткото организирање, појасни дека Младинскиот образовен форум во 2007 година подготвил петиција за плурализам во студентското организирање, која ја потпишале 11 000 студенти. Благодарение на петицијата биле направени законски измени, но проблемите на студентите останале, во голем дел и заради нефукционирањето на Студентскиот парламент.

„Студентскиот парламент не треба да се нарекува така, затоа што не е парламент. Иако преку амандман, со наш предлог беше иницирано да се вика вика така, тој треба да се нарекува како порано – Сојуз на студенти, бидејќи ништо не е сменето. Тие се реликвија на поранешно време, поранешен систем на вредности, за кој ние декларативно се одлучивме да го напуштиме, а реално уште живееме во него“, рече Стојановски, изразувајќи и загриженост за, како што подвлече, постоењето на пројавни форми на криминал.

„Студентските бунтови се крик на општеството“ – ПРОФ. Д-Р ДИМИТАР ГЕЛЕВ

„Пред нас постои историска шанса за создавање закон што ќе овозможи квалитетни кадри и граѓани со критичка мисла“ – Александра Живковиќ

М.В / veljanoskim@akademik.mk

23.9.2015