/ Прочитано:

1.045

ПО НЕКОЛКУМЕСЕЧЕН МОЛК: Судскиот совет в петок ќе избира нов претседател

Вторник, 10 март 2015 – Судскиот совет на Република Македонија во петок на јавна седница ќе избира претседател со оглед дека уште пред три месеци истече мандатот на актуелната претседателка Александра Зафироска. 

Двегодишниот мандат на претседателката на телото кое е задолжено да ја обезбедува и да ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт, Александра Зафироска, истече на 20 декември 2014 година, седница не е закажана од 12 декември, а над десетина македонски судови, меѓу кои Апелациониот суд Скопје и Основниот суд Скопје 2, чекаат назначување претседател.

За 16 и 17 март е закажана и седница на која ќе се расправа по претставките и поплаките од граѓаните и од правните лица за работата на судиите и судовите. Нема информации колку предмети пристигнале изминатиот период во кој не постапувал Советот. Во согласност со Законот за постапување по претставки и предлози, Советот е обврзан во рок од 15, односно 30 дена за посложени случаи, да им одговори на граѓаните и на правните лица кои поднеле претставки или поплаки за работата на судовите и судиите.

Од Советот за Академик посочуваат дека на сите новинарски прашања поврзани со актуелната ситуација, односно како функционирало телото изминативе месеци, ќе одговорат в петок.

Зафировска – два мандати на чело на Советот

Ова беше втор мандат на Зафировска како претседател, откако во 2012 година повторно беше избрана за член на Судскиот совет.

Според Законот за Судскиот совет, мандатот на членовите на Судскиот совет трае 6 години со право на уште еден избор, додека мандатот на претседателот на Советот трае две години, без право на повторен избор. На Зафировска по повторното избирање за член на Советот едногласно ѝ беше дадена довербата за втор мандат како претседател на новоекипираното тело.

Од годинава и пензионирани судии ќе одлучуваат за судиска одговорност

Во меѓувреме, Собранието по скратена постапка го донесе Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност на судија, кој предвидува Совет од пензионирани судии, обвинители, адвокати и универзитетски професори да утврдува одговорност кај судиите, а кој ќе почне да се применува кон крајот на месец мај годинава.  Ова значи дека Судскиот совет, кој моментно истовремено предлага кој судија да биде казнет или разрешен и одлучува по истиот предлог, во иднина само ќе ја води дисциплинската постапка и ќе одлучува,  а предлозите ќе ги иницира Советот за утврдување на факти. Првиот избор на членови на Советот ќе го спроведе Комисија формирана од Судскиот совет на Република Македонија во состав од пет члена.

Е. П.