/Прочитано:

294

Правната заштита на работничките – жртви на дискриминација поради бременост, раѓање или родителство

Во месец март 2016 година Основниот суд Скопје 2 ја донесе првата пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на бременост. Во изминатата година, како и со донесувањето на првата пресуда, многу жени работнички започнаа да пријавуваат дискриминација во Македонското здружение на млади правници, а во рамки на активностите спроведувани од МЗМП, поддржани од страна на Проектот на УСАИД за заштита на човековите права.

foto akademik

Колку работничките ги користат правните механизми за заштита на своите права?

Во Република Македонија, додаваат од Здружението, постои правна рамка со која се забранува дискриминацијата на оваа ранлива категорија, но во досегашната пракса не се поведуваат постапки за заштита. Токму поради оваа појава, велат младите правници, нужно е да се постават следните прашања: Колку жени работнички се ставени во неповолна положба поради бременост, раѓање и родителство и колку ги користат правните механизми за заштита на своите права, загрозени и нарушени од ваквото постапување?

foto akademik

За овие клучни прашања во врска со заштитата од дискриминација, која се врши врз работничките, се дискутираше на денешното советување „Правна заштита на работничките – жртви на дискриминација поради бременост, раѓање или родителство“, каде што младите правници, адвокатите и претставниците на граѓанските организации говореа со какви проблеми најчесто се соочуваат работничките за време на бременоста, раѓањето и родителството.

Во таа насока, младите правници и адвокати образложија кои права им припаѓаат на овие работнички, особено во контекст на непродолжувањето на договорите за вработување. Тие говореа и за судската пракса во врска со оваа проблематика, пренесувајќи ги искуствата во однос на судската заштита на правата на работничките, како и во однос и конкретното водење на предметите.

foto akademik

Бројни активности во делот на стратешкото застапување

Александра Цветановска од  Македонското здружение на млади правници истакна дека тие, како Здружение, подолго време ја следат појавата на дискриминацијата во македонското општество, која е особено е присутна и во сферата на работните односи.

„Дискриминацијата врз работничките поради бременост, раѓање или родителство ние ја идентификуваме како присутен проблем за кој не се разговара доволно во јавноста. Како Здружение, посветивме бројни активности во делот на стратешкото застапување кои резултираа со донесување на првата пресуда за дискриминација врз основа на бременост“, истакна Цветановска, изразувајќи надеж дека пресудата и ефективното стратешко застапување ќе ги мотивираат работничките да бараат остварување на нивните права, ќе се создаде охрабрувачка судска пракса и ќе се подигне нивото на јавната свест.

foto akademik

Забранети сите облици на дискриминација на работничка поради бременост, раѓање и родителство

Јасна Аранѓеловиќ – Оровчанец   од Македонскто здружение на млади правници во своето излагање се осврна на Уставот, на законските прописи и на конвенциското право со кое се регулира прашањето на заштитата и спречувањето на дискриминацијата, посебно во делот на заштитата на дискриминација на работничките.

foto akademik

Оровчанец истакна дека, во согласност со Уставот, државата посебно го заштитува мајчинството, а според Законот за заштита и спречување од дискриминација се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување, меѓу другото, и врз основа на пол, род, припадност на маргинализирана група, личен или општествен статус, семејна, брачна состојба или здравствена состојба.

Во Законот за работните односи, додаде Јасна Аранѓеловиќ – Оровчанец, се уредува и заштитата од дискриминација на работничка врз основа на бременост, раѓање и родителство. Во овој закон се пропишува дека се забранети сите облици на дискриминација на работничка поради бременост, раѓање и родителство, без оглед на времетраењето и видот на работниот однос заснован во согласност со закон.

foto akademik

Исто така, забраната на дискриминација се однесува на пристапот до вработување, на условите за работа и на сите права од работен однос и на откажувањето на договорот за вработување на работнички кои се наоѓаат во состојба на бременост или кои користат права што произлегуваат од раѓање и родителство.

„Според досегашните искуства и според искуствата кои претходно сум ги имала како адвокат, моето мислење е дека без оглед на тоа кое е образложението на работодавачот, секогаш кога договорот за вработување се откажува, а работничката е бремена, тоа се прави токму поради тоа што е бремена“, истакна Аранѓеловиќ – Оровчанец.

foto akademik

Страв од губење на работното место

Ана Василева, активист за родови права, рече дека во Македонија случаите на дискриминација во секојдневието, посебно во делот на работните односи и заштитата на правата на работничките во таа насока, се многу чести.

Прашањата на интервју за работа дали е бремена кандидатката и какви планови има за формирање семејство и ветувањата до работодавачот дека нема да забремени, откажувањето на договорите за вработување поради бременост, мобингот и погазувањето на достоинството, се само дел од проблемите кои ги лоцира Василева како присутна и негативна противзаконска практика. Според сознанијата на кои упати Василева, многу мајки имаат притисоци и поради користењето на боледувањата за децата, што се користи и како „аргумент“ против нивно напредување во кариерата.

foto akademik

„Работничките над кои се врши дискриминација премолчуваат за постапувањата врз нив, а тоа се должи на ниските плати, лошиот стандард и стравот од губење на работното место“, рече Василева.

Таа повика на подигнување на јавната свест, охрабрување на работничките да ја пријавуваат дискриминацијата и промена на легислативата. Во однос на промената на легислативата, Василева нагласи дека позитивно би било воведувањето на задолжително породилно отсуство и за таткото, надминувањето на родовиот јаз во платите и градењето на проактивни мерки за заштита на мајчинството.

foto akademik

Искуствата од судската пракса

Адвокатките Софија Бојковска и Бисера Митиќ говореа за своите практични искуства како застапници во предмети што се однесуваат на дискриминација врз основа на бременост. Постапките за овие предмети се поддржани од Македонското здружение на млади правници.

Адвокатките истакнаа дека жените што се вработени со договор на определено време честопати се соочуваат со проблемот да не им биде продолжен договорот кога ќе му соопштат на работодавецот дека се бремени и нивниот работен однос да престане со истекот на постојниот договор.

foto akademik

Тиe образложија дека ваквата можност ја дава Законот за работни односи кој иако забранува отказ за време на бременост (чл. 101 ст. 1 од ЗРО), забраната не се применува на договорите за вработување на определено време поради истекот на времето за кое е склучен договорот (чл. 101 ст. 3 од ЗРО).

Првата пресуда охрабрува

Адвокатката Софија Бојковска, која го водеше случајот за кој се донесе првата првостепена пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на бременост, рече дека првата пресуда е охрабрувачка затоа што со неа се втемелува правната сигурност.

foto akademik

Таа појасни дека станува збор за случај во кој е утврдена дискриминација која произлегува од кршење на правата од работен однос поради нееднаков третман на работник врз основа на личен статус, семејна и брачна состојба, односно поради бременост.

„Работодавачот, кој е тужен во оваа постапка, не ѝ го продолжил договорот за вработување на работничката/тужителката токму во моментот кога дознал дека таа е бремена. Инаку, веќе била воспоставена пракса работодавачот на своите вработени да им ги продолжува договорите за вработување склучени на определено време, со анекси кон основниот договор и тоа за период од по 3 или 6 месеци. Но, во конкретниот случај, токму во моментот кога дознал за состојбата на работничката, одлучил повеќе да не ѝ го продолжува договорот за вработување со нов анекс, како што правел претходно“, рече Бојковска.

Бојковска истакна дека низ практиката постојат голем број случаи во кои работодавачот го изигрува законот, но клучно е за утврдувањето на дискриминацијата да се види мотивот. Но тоа, рече Бојковска, во многу зависи и од прогресивното гледање и од самиот пристап на судијата.

foto akademik

Значењето на Конвенција за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените

Адвокатката Бисера Митиќ, истакна дека првата пресуда е светол момент за македонското судство, но и дека судството има своја „темна страна“. Имено, адвокатката Митиќ, во оваа насока, нагласи дека покрај тоа што водела аргументиран случај со евидентна дискриминација врз основа на бременост, судијата во конкретниот случај не оценил и не пресудил дека постои дискриминација.

Адвокатката додаде дека пресудата била иронична и контрадикторна и дека работодавачот немал поднесено ништо како доказ, па дури и искажал работи кои јасно укажувале на тоа дека на работничката ѝ бил откажан договорот за вработување поради нејзината бременост. Во таа смисла, Митиќ посочи на проблемот на унифицираноста на судската пракса, која е битен услов за градењето на правната сигурност.

foto akademik

Во своето излагање адвокатката Митиќ во поширок контекст го нагласи и значењето на судската пракса на Европскиот суд на правдата и  на Конвенција за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените, која е дел од внатрешното право. Во оваа конвенција се вели дека дискриминацијата врз жените е пречка за учеството на жените под еднакви услови со мажите во политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот во нивните земји, го попречува просперитетот на општеството и семејството.

foto akademik

„Конвенцијата создава обврски за државите членки да ја елиминираат дискриминацијата, да ја осудат дискриминацијата врз жените, да го отелотворат принципот на еднаквост на мажите и жените во своите национални устави и законодавство, да усвојат законодавни мерки и санкции за забранување на дискриминацијата врз жените, како и да воспостават правна заштита од дискриминацијата преку националните судови и други институции“, рече Митиќ.

Донесена е првата пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на личен статус – бременост

М.В / veljanoskim@akademik.mk