/ Прочитано:

754

Претседателот на Кумановскиот суд осомничен во акцијата на МВР – Судскиот совет му го одзеде имунитетот

Четврток, 8 октомври 2015 – Претседателот на Основниот суд Куманово е едно од осомничените лица во акцијата на полицијата која се спроведуваше ноќта и утринава во повеќе градови на земјава. Судскиот совет на Република Македонија денеска на итна седница донел одлука за одземање на имунитетот на судијата.

Од Јавното обвинителство соопштија дека е донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против 12 лица, приведени во полициската акција.

„Едно од осомничените лица се гони за сторени кривични дела Злосторничко здружување и Злоупотреба на службената положба и овластување кој ги сторил вршејќи висока функција во Основниот суд Куманово. Останатите единаесетмина се гонат за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Лихварство, Изнуда и Криумчарење мигранти“, соопштија од Јавното обвинителство.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежен обвинител, како што посочуваат од Обвинителството, предложил до судијата на предходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје за сите дванаесетмина да се определи мерка притвор. Оттаму додаваат дека истрагата во надлежното обвинителство продолжува.

Од Судскиот совет, пак, излегоа со со соопштение дека по поднесено барање од Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донеле одлука за одземање на имунитетот на судијата.

„Судскиот совет на Република Македонија на ден 8.10.2015 година свика и одржа итна седница на која донесе Одлука по поднесено барање од Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Скопје за одземање на имунитет на судија – претседател на основен суд“, се вели во соопштението на Судскиот совет.

>> Полициска акција во Скопје и Куманово: приведени лица под сомнение за повеќе кривични дела  E. П.